Македонија последен пат победи против Ерменија пред 11 месеци – вечерва сакаме излез од кризата!
Фудбалската репрезентација на Македонија во второто коло од Лигата на Нации на домашен терен вечерва ќе игра против Ерменија, а во овој дуел нашата репрезентација влегува по серија во која нема победа 11 месеци.
Последната победа ја забележавме токму против Ерменија пред 11 месеци во пријателски натпревар во Струмица, но сега резултатот е и тоа како важен, посебно откако ремизиравме со Фарски Острови.
Досега против Ерменија сме одиграле 13 натпревари и сме победиле на шест, а Ерменците славеле на четири. Најубедливата победа ја има Македонија и тоа 0:5 во 2021 година, додека Ерменија двапати против нас постигнуваше по четири погодоци (4:0 и 4:1).
Традицијата е на наша страна, но проблем за избраниците на Благоја Милевски може да биде моменталната форма. Ерменците тука се подобри и во натпреварот влегуваат со мини-серија од две победи во низа.
На вчерашната прес-конференција селекторот истакна дека верува во фудбалерите дека психички се способни да се вратат по разочарувачкото реми со Фарски Острови, но и најави дека ќе има промени во стартниот состав.
Важноста на натпреварот ја истакна и заменик капитенот во репрезентацијата Столе Димитриевски кој порача дека Македонија мора да победи вечерва.
Натпреварот се игра на Националната Арена „Тодор Проески“ од 20:45 часот.