Македонија останува во зелената категорија за патување на Кипар

Фото: EPA-EFE/KATIA CHRISTODOULOU

Северна Македонија и понатаму е во зелената категорија земји на Министерството за здравство на Кипар и условите за патување на островот се непроменети, односно не постојат никакви ограничувања, не е потребен ниту негативен тест, ниту карантин, јави дописничката на МИА од Атина.

Како и досега, земјите се поделени во три зони во зависност од епидемиолошката слика – зелена, портокалова и црвена и за секоја од нив важат посебни правила, а во новата категоризација што стапува во сила во четврток на 12 август, промени има за шест земји.

Поконкретно, согласно „Процената на епидемиолошкиот ризик на земјите во врска со Ковид-19″ објавена денеска од Министерството за здравство на Кипар, Хрватска, Шведска и Србија од зелената преминуваат во портокаловата листа, Естонија, Либан и Израел од портокаловата сега се во црвената категорија, а за нашата земја нема промени.

Во првата (зелена) категорија, односно „земји со ниска опасност”, нашата земја е заедно со уште 17 држави: Австрија, Бугарија, Германија, Латвија, Унгарија, Полска, Романија, Словачка, Словенија, Чешка, Лихтенштајн, Норвешка, Австралија, Јордан, Канада, Нов Зеланд и Сингапур и за државјаните на овие земји, не се предвидени никакви рестрикции, не е потребен тест, ниту самоизолација.

Како што веќе има објавено МИА, од 22 јули 2021 година Северна Македонија, е во зелената зона, откако беше преместена од втората, портокаловата категорија.

Од земјите од регионот само Бугарија е во зелената категорија, а Србија, Грција и Босна и Херцеговина се во портокаловата, додека пак Албанија и Црна Гора во последната, црвена зона.

Во однос на вакцинираните посетители, од Министерството за здравство на Кипар соопштуваат дека ослободени од задолжителниот негативен тест или карантин, се туристите кои поседуваат сертификат за вакцинација издаден од земјите- членки на ЕУ, на Европската економска зона, од Швајцарија, Израел, Русија, Велика Британија, Обединетите Арапски Емирати, Саудиска Арабија, Украина, Јордан, Либан, Египет, Белорусија, Србија, Катар, Бахреин, САД, Ерменија, Грузија, Канада и Кувајт.

Потребно е и да се поминати 14 дена од ревакцинацијата со една од вакцините одобрени од Европската организација на лекови („Фајзер“, „Модерна“, „Астра-Зенека“ и „Џонсон и Џонсон’) или со „Спутник В“, „Синофарм“ или „Синовак“.

Туристите, како што е веќе пракса од лани, пред да го посетат Кипар, задолжително е, 48 часа пред патувањето, да го пополнат CyprusFlightPass, односно онлајн формуларот достапен на https://cyprusflightpass.gov.cy/ .

Од Министерството за здравство на Кипар потенцираат дека категоризацијата на земји, е исклучително динамична и може да се промени во било време согласно развојот на пандемијата и промената на епидемиолошките податоци, па затоа, листите континуирано се ажурираат, секоја седмица.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот