Македонија од третиот шешир ги чека ривалите во квалификациите за СП 2026

Фото: Слободен Печат / Драган Митрески

Во петок, 13 декември, напладне по средноевропско време со жрепка во седиштето на ФИФА во Цирих, Швајцарија, ќе ги дознаеме квалификациските групи за пласман на Светското првенство во САД, Мексико и Канада (11 јуни – 19 јули 2026 година) на кое за прв пат ќе се игра со 48 репрезентации.

Најдобрата македонска фудбалска репрезентација ги чека противниците од третиот шешир заедно со Шкотска, Словенија, Републиска Ирска, Албанија, Грузија, Финска, Исланд, Северна Ирска, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Израел.

Вкупно 16 репрезентации од Европа ќе добијат место на следното СП. Во европската зона ќе има 12 квалификациски групи од кои само првопласираните ќе обезбедат директен пласман на Мундијалот. Останатите четири места ќе се дознаат преку плеј-офот, а во доигрувањето ќе се најдат второпласираните селекции во квалификациските групи и уште четири најдобропласирани репрезентации од Лигата на нации кои нема да изборат пласман преку квалификациите.

Шешир 1: Франција, Шпанија, Англија, Германија, Португалија, Холандија, Белгија, Италија, Хрватска, Швајцарија, Данска, Австрија.

Шешир 2: Србија Украина, Шведска, Турција, Велс, Унгарија, Полска, Романија, Грција, Словачка, Чешка, Норвешка.

Шешир 3: Шкотска, Словенија, Ирска, Албанија, Македонија, Грузија, Финска, Исланд, Северна Ирска, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Израел.

Шешир 4: Бугарија, Луксембург, Белорусија, Косово, Ерменија, Казахстан, Азербејџан, Естонија, Кипар, Фарски Острови, Летонија, Литванија.

Шешир 5: Молдавија, Малта, Андора, Гибралтар, Лихтенштајн, Сан Марино.

Како функционира ждрепката?

Најпрво репрезентациите од првиот шешир ќе бидат поделени во 12 групи по редослед од А до Л. Потоа ќе следи распоредување на репрезентации од вториот, третиот, четвртиот и петтиот шешир, при што секој шешир ќе биде целосно испразнет. Групите од А до Ф ќе имаат по четири репрезентации, додека групите од Г до Л ќе имаат по пет.

Кога се играат квалификациските натпревари?

Групната фаза од квалификациите започнува во март 2025 година и трае до ноември истата година, додека плеј-офот ќе се игра во март 2026 година. Групите со пет репрезентации започнуваат во март, додека групите со четири започнуваат во септември 2025 година, по четвртфиналето (март) и завршниот турнир (јуни) од Лигата на нации.

Компликации поради Лигата на нациите?

Поради четвртфиналето на Лигата на нации кои се играат во март, резервни тимови ќе бидат извлечени од првиот шешир. На пример, победникот на четвртфинален пар ќе биде во група со четири тима, а поразениот ќе игра во група со пет тима.

За потсетување, во четвртфиналето на Лигата на нации се среќаваат Холандија – Шпанија, Хрватска – Франција, Данска – Португалија и Италија – Германија. Овие осум селекции дури после своите мечеви ќе знаат во која група ќе се најдат, што ќе биде проблем и за нивните потенцијални ривали.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот