Македонија на чекор до датум!

Датумот за добивање датум за отпочнување на преговори на Македонија со ЕУ се наближува. Очекувањата се големи од одлуката што на во oктомври ќе ја донесат Министрите за надворешни работи на земјите членки и Европскиот Совет. Особено по јунските дилеми кога три влијателни земји искажаа резерва и одлуката ја одложија за оваа есен.

Во меѓувреме работите тргнаа во позитивна насока и тоа чекор по чекор. Најпрво дилемите ги надмина Холандија која дури и ја исфаворизира Македонија со одлуката наспроти Албанија. Вчера официјално тоа го направи и Германија. Имено доцна синоќа заврши сесијата на Комисијата за надворешни работи на Бундестагот чии членови му препорачаа на германскиот парламент да донесе позитивна одлука за отпочнување преговори за членство во ЕУ со Северна Македонија и со Албанија. Канцеларката Меркел си го одржа зборот.

Според информациите на „360 степени“, дебатата за С. Македонија течела со позитивен и ветувачки тон, додека за Албанија имало разногласие, но благодарејќи на влијанието на пратеникот на СПД, Јосип Јуратовиќ, и нашата сосетка поминала низ ова парламентарно сито.

На пленарната седница во четврток вечер, се очекува Бундестагот да ја потврди одлуката на Комисијата за надворешни работи.

Оптимист за добивање датум е и Симонида Кацарска, директорка на Институтот за европска политика.

По ова,  неизјаснета остана уште Франција која беше и најтврда во однос на приемот на нови членки во Унијата. За неа приоритет беа реформите внатре во Унијата, па потоа продолжување со процесот на проширување на ЕУ. Но имајќи предвид дека реформите не се директно врзани со тоа дали Македонија ќе добие датум за преговори, логично би било Франција да се придружи на општиот консензус за нејзино доближување до заедницата. Уште повеќе што Франција нема личен отпор да го блокира тој процес како што тоа своевремено беше Грција.

Во прилог на омекнување на ставот на Претседателот Макрон, е и изјавата дадена во Париз на годишниот состанок со Амбасадорите во која покажува зголемен интерес за земјите од Балканот во кои гледа пријатели. Лично верувам дека Претседателот Макрон во настојувањата Франција да се позиционира повисоко во ЕУ ќе си дозволи да биде осамен кочничар на веќе започнатиот процес на интегрирање на земјите од Западен Балкан во Европа.

И на крајот обврските што Грција ги презема со Преспанскиот догвор, а кои Премирот Мицотакис ги потврди на средбата во Њујорк со Зоран Заев, даваат гаранција дека практично нема реална основа Македонија и веројатно Албанија да не добијат датум за отпочнување на преговорите за полноправно членство во Унијата.

Но како се вели „ништо не е готово додека не биде готово“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот