ФОТО: Македонија ќе игра на Светското првенство, Кузмановски ја урна Чешка во Скопје

Македонија по осми пат ќе игра на Мундијалите/Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Македонската машка сениорска репрезентација на реванш натпреварот од баражот за пласман на Светското првенство во 2023 година вечерва во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, ја совлада Чешка со 27:25. Потсетување дека на првиот меч во Злин беше нерешено 24:24.

Чесите поведоа со голот на К. Матеј во својот прв напад, стигна израмнувањето преку Кузмановски за 1:1. Чешка повторно водеше со голот на левото крило Хрстка, ние згрешивме во следниот напад, па им дадовме можност на противниците да ја зголемат предноста. Но, тоа не го направија бидејќи следуваа две одбрани на Митревски.

После Романија, Македонија успеа да ја елиминира и Чешка на патот кон СП 2023/Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Се поправија гостите преку Кашпарек за 2:3 во петтата минута од средбата. Имавме можност преку Атанасијевиќ да израмниме, но неуспешно, па стигна казната од контранапад преку Чип за веќе плус два (2:4) на Чесите.

Брзо стигнавме за нов егал со погодоците на Талески и Пешевски, ривалите почнаа да грешат по огромниот притисок кој го правеа навивачите од трибините. Атанасијевиќ со првиот и Пешевски со вториот гол ја крена публиката за водство од 6:4. Македонија беше во налет, следуваше нов погодок од Талески од бековската позиција, а нашата серија ја прекина Земан во 14 минута за 7:5. По првиот гол на селекторот Лазаров чешкиот селектор Сабате го повика првиот тајм-аут на мечот.

Стојанче Стоилов го имаше последниот настап за македонската репрезентација/Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

По минутата одмор Чесите врзаа два гола во низа за 8:7, вториот беше дело на Хрстка, а ние не реализиравме седмерец преку Серафимов. Се поправивме преку Миркуловски кој го имаше својот последен настап во репрезентативниот дрес.

Филип Миркуловски од 2003 година ги бранеше боите на македонска сениорска репрезентација/Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Доаѓаше поддршка од сите страни за нашите најдобри ракометари, тоа се круниса со вториот гол на Миркуловски во 23 минута за 12:9. Имавме ново исклучување кое овојпат го доби пикерот на Вардар, Стоилов.

Одржувавме позитива од два голови разлика, расположениот Митревски дојде и до осмата одбрана. Георгиевски имаше празна мрежа, но не погоди, па на пауза заминавме со предност од 14:12.

Чесите се покажаа како доста незгоден ривал во двомечот со Македонија/Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Издржавме на стартот од вториот дел без исклучениот Талески, па следуваше четвртиот гол на Кузмановски од пенал за 16:13 на семафорот, па возврати Бабак на спротивната страна за намалување. Играчот на Хановер-Бургдорф, Кузмановски на секаков начин доаѓаше до погодоци, а по третиот гол на Пешевски Чесите одново побараа тајм-аут за 20:16. Следуваше период на грешки на обете страни, од контра успеавме преку Талески да погодиме за 21:18, па намали Томас за одржување на неизвесноста.

Навивачите одлични во СЦ „Борис Трајковски“, грмеа во текот на сите 60 минути/Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

На 10 минути до крајот на средбата при 24:22, Лазаров ги повика своите играчи за дополнителни совети.Во незгоден момент Талески доби две минути исклучување, па Чешка имаше шанса да намали на само минус еден, но одличниот Митревски беше еден од нашите клучни ракометари, па следуваше ерупција по голот на Јагуриновски за 25:22. Чесите се вратија во игра со два голови во низа на нешто помалку од пет минути до крајот, но и останаа без играч помалку поради двете минути на Кашпарек.

Македонскиот голман Никола Митревски блескаше со 13 одбрани/Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Не успеавме во нашиот следен напад, Кузмановски имаше погрешно додавање, но го спречивме новиот напад на гостите, па Лазаров побара нов тајм-аут. Кузмановски во финишот со нови погодоци ги урна сите надежи на Чешка, последниот го имаше од пенал кој го реализираше за голема радост кај неговите соиграчи, а противникот веќе немаше доволно време да се врати резултатски. На крајот Македонија заедно со навивачите го прославија осмото учество на Мундијалите.

Бараж за СП 2023

Реванш, СЦ „Борис Трајковски“ – Скопје, Гледачи: 7.000

(прв натпревар Чешка – Македонија 24:24)

Македонија – Чешка 27:25 (14:12)

Македонија: Митревски (13 одб.), Томовски, Стоилов, Лазаров 2, Талески 6, Миркуловски 2, Н. Маркоски 1, Кузмановски 9, Георгиевски, Ојлески, Младеновиќ, Пешевски 3, Јагуриновски 3, Атанасијевиќ 1, Серафимов, Мишевски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот