Македонија ја совлада Португалија за полуфинале на Европското првенство – Дивизија Б
Уште еден одличен настап на македонската јуниорска кошаркарска репрезентација на Европското првенство – Дивизија Б во Скопје заокружен со убедлив триумф во СРЦ „Кале“ над Португалија (71:42) и пласман во полуфиналето.
Продолжува победничката серија на нашата машка селекција „под 18“ години. По петте победи во групната фаза, стигна уште една, во дефинитивно еден од најважните натпревари во досегашниот дел од шампионатот.
Ако во оние претходните вниманието на нашиот стручен штаб беше некако насочен кон нападот, во овие 40 минути, Македонија покажа дека и тоа како добро, знае да игра добро и во дефанзивата. Го оставивме квалитетниот противник на осум поени во првата, девет во третата четвртина.
Односно во оние во кои и ја направивме клучната предност која ни донесе „влез“ во првата „четворка“ на ЕП. Извесно, не заборавивме на нападот, уште еднаш, имавме доста правилна распределба на поените во која и овојпат, во најголем дел, учествуваа Јаничиќ, Стојковиќ, Луканоски и Марјановиќ.
Марко Лукановски оствари нов дабл-дабл учинок од 17 поени и 14 скокови, капитенот на тимот, Никола Јаничиќ застана на ефект од 16 поени, седум скокови и четири асистенции, Стојковиќ заврши на 13 поени (и четири скокови), додека Марјановиќ дополни со скор од 10 поени (четири.асистенции и два скокови).
Во полуфиналето репрезентацијата на Македонија ќе игра против подобриот од мечот Швајцарија-Бугарија.