Македонија ја совлада Италија и ги задржа шансите за пласман на Евробаскет 2022

фото: fiba.basketball

Кошаркарската репрезентација на Македонија со 87:78 ја совлада Италија и ги задржа шансите за пласман на Европското првенство кое ќе се игра идната година.

Директен конкурент на Македонија за местото кое носи на Евробаскет е Естонија која во вториот денешен натпревар не смее да ја победи Русија. Со такво сценарио, утрешниот натпревар помеѓу Македонија и Естонија ќе го даде учесникот на Европското првенство. Тогаш за избраниците на селекторот Александар Тодоров ќе биде потребна победа од девет или повеќе поени разлика.

Првото полувреме помина во подобра игра на Италија, додека избраниците на селекторот Тодоров им дозволија премногу лесни поени на противниците.
Во првата четвртина, итлаијанците за четири минути постигнаа 19 поени и на првиот одмор заминаа со 10 поени разлика (20:30). Во втората четвртина, „аѕурите“ ја одржуваа двоцигрената предноста која кон крајот на првиот дел изнесуваше и 16 поени (34:50), но со петте поени на Војдан Стојановски и на Андреј Магдевски, на одмор негативата на „црвено-жолтите“ изнесуваше 11 поени (41:52).

Во второто полувреме, посебно во третата четвртина, македонските кошаркари одиграа фантастично и со поените на Ненад Димитријевиќ во последната секунда, за прв пат поведоа со 67:65. Третиот дел, избраниците на Тодоров го добија со 26:13 благодарение на одличната и поагресивна игра во одвраната.

Одличната игра од финишот во третата чевртина продолжи и во последната со фантатична серија од 12:0 за водство од 73:65. Предноста се зголеми и на десет поени (78:68) благодарение на Ненад Димитријевиќ кој беше вистински командант на теренот, кога беше потребно асистираше, поентираше и со своите потези и влезови под кошот ги излудуваше Италијанците.

Во финишот, Италијанците се обидоа со чести шутеви за три поени да се вратат во игра, но нашите кошаркари имаа одговор на таквата игра и на крајот успеаја да победат и да ги задржат шансите за пласман на Евробаскет.
Големи пех за селекторот Тодоров е повредата на одличниот организатор на играта, Ненад Димитријевиќ кој во финишот при еден дуел со противничките кошаркари заработи повреда на коленото но засега не се знае колку е сериозна.

Токму Димитријевиќ со 22 поени беше најпрецизен на натпреварот, а имаше уште пет скока и седум асистенции. Андреј Магдевски пстигна 20 поени притоа давајќи четири тројки, а капитенот Војдан Стојановски постигна 15 поени. Кај Италијанците, Марко Спису постигна 17 поени.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот