Македонија и ФАО работат за да ги олеснат инвестициите преку Зелениот климатски фонд

Околу 50 претставници на владините институции, министерствата, граѓанскиот и приватниот сектор, академијата и меѓународните организации се собраа денеска во Хотелот Радика во Маврово да дискутираат на техничко ниво за стратешкиот ангажман на земјата со Зелениот климатски фонд (ЗКФ).

Ова е втора по ред национална консултативна средба организирана во рамки на првиот проект на Северна Македонија од Програмата за подготвеност и подготвителна поддршка на Зелениот климатски фонд – “Поддршка за управување со ефективен национален координативен механизам за Зелениот климатски фонд” – спроведуван од ФАО под раководство на Кабинетот на Заменик на Претседателот на Владата задолжен за економски прашања, како Националениот назначен орган за ЗКФ.

Зелениот климатски фонд претставува нов партнер за финансирање за инвестиции за прилагодување кон и ублажување на климатските промени во Северна Македонија. Со цел успешен ангажман со Фондот, потребна е силна институционална рамка, ефективна вклученост и координација на засегнатите страни на национално ниво.

Во овој контекст, експертите на ФАО го поддржаа Националниот назначен орган за ЗКФ да спроведе сеопфатна анализа на постоечките институционални релации, вклучувајќи ја и структурата на сите национални тела, комисии и совети релевантни за прашања поврзани со одржливиот развој, финансирањето и климатските промени.

Врз основа на анализата, развиен е нацрт-предлог за идниот национален координативен механизам за донесување одлуки за прашањата поврзани со ЗКФ. Учесниците на настанот ќе бидат информирани и консултирани за нацрт-предлогот за национален координативен механизам за ЗКФ – вклучувајќи ги релевантните тела кои ќе бидат вклучени, нивните улоги и одговорности.

Во поздравниот говор на настанот, советничката за меѓународна економија и развој на Премиерот, Олимпија Христова Заевска истакна дека “ангажманот со Зелениот климатски фонд преку подготвителната поддршка и помага на земјата да ги соедини своите напори за национално и глобално влијание, како и поттикнување одржлив и “зелен” економски развој.

Понатаму, им помага на различните чинители кои работат во областа на климатски промени да ја препознаат заемната поврзаност по ова прашање и важноста од заедничко и транспарентно работење”, додаде таа.

Спроведената детална анализа на клучните стратешки документи развиени во Северна Македонија во врска со климатските промени укажа дека енергетиката, транспортот, водите, земјоделството, отпадот, биолошката разновидност, здравството, шумарството и културното наследство се приоритетни сектори за климатска акција во земјата.

На денешниот настан, партнерите исто така ќе научат како да идентификуваат проектни идеи во овие приоритетни сектори кои имаат мерливо влијание врз климатските промени и се подобни за финансирање преку ЗКФ, а се усогласени со приоритетите за адаптација и ублажување на климатските промени и останати тековни активности на национално ниво.

Кармен Аргељо, ФАО координатор на проектот за подготвеност, истакна дека “ова е многу важен чекор во градење на партнерство меѓу националните чинители во Северна Македонија и Зелениот климатски фонд, за да создадеме поволно опкружување за зголемена сопственост на земјата и пристап до климатски финансии”.

Како резултат на Програмата за подготвеност и подготвителна поддршка, Владата ќе може да креира Национална Програма за Зелениот климатски фонд, усогласена со националните приоритети, која повикува на смела климатска акција која ќе стимулира конкретни решенија за намалување на емисиите и зголемување на климатската отпорност во приоритетните сектори.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот