Македонија го чека противникот за првиот бараж за СП 2023

ракомет репрезентација
Ракометарите со три порази го завршија настапот на Европското првенство/ фото: РФМ

За да стигне до Мундијалот што се одржува в година, нашата репрезентација ќе мора да мине две бараж фази. Противникот за првата фаза ќе го дознаеме денеска по ждрепката во која спаѓаме во групата на носители 

Европската ракометна јавност денеска, кога се игра финалето на ЕП 2022, ќе го очекува новиот европски шампион. Во Македонија ќе владее и исчекување за исходот на ждрепката за баражот за пласман на Светското првенство 2023 (13.30 ч). Познато е дека нашата репрезентација, за да се квалификува на следното СП, ќе треба да мине две бараж фази. На тековното ЕП 2022 забележавме слаб пласман (22 место), поради што ќе мораме да играме две бараж фази за да стигнеме до Мундијалот, наместо една.

Во првата бараж фаза очекуваме полесна пречка, а можни противници ни се селекциите на Белгија, Естонија, Фарски Острови, Финска, Израел, Грција, Италија, Романија и Швајцарија. Ова се репрезентации кои преку претквалификации стигнаа до оваа фаза. Македонија е меѓу носителите заедно со Австрија, БиХ, Украина, Литванија, Португалија, Словачка, Словенија и Белорусија.

Ова би требало да биде првата полесна пречка, а мечевите се играат меѓу 14 и 20 март. Сите се согласуваат дека најопасни потенцијални противници би ни биле Романија и Швајцарија. Така размислува и репрезентативецот Гоце Георгиевски.

– Сметам дека генерално сме подобри од сите наши можни противници во првата фаза од баражот. Сепак, ако би можеле да ги избегнеме Романија и Швајцарија би било добро, затоа што тие се меѓу поквалитетните во оваа група. Другите не би требало да ни бидат посериозна пречка. Играњето две бараж фази секако не е добро, но можеби има и позитивна страна. Првиот бараж би ни бил добредојден како „подготовка“ за втората бараж фаза во која (ако ја минеме првата) ќе имаме посериозен противник – вели Георгиевски.

Голманот Мартин Томовски смета дека кој и да е противникот во првата фаза, треба максимално подготвено да се пречека.

– Не можам да кажам кои противници би сакал да ги избегнеме или би ги преферирал во првата фаза. Но, кој и да е, треба максимално сериозно да се поставиме. На овој тим му требаат натпревари, да настапува што повеќе, за да го кренеме нивото на играта и да постигнеме подобри резултати – вели Томовски.

Во втората бараж фаза (11-17 април), ако ја минеме првата, нема да бидеме носители. Ќе се соочиме со противници кои се пласираа од четвртото до 15. место на тековното ЕП. Актуелниот светски првак Данска и домаќините Полска и Шведска имаат директен пласман на Мундијалот.

Земјите кои преку пласманот на ЕП 2022 од четвртото до 15 место се пласираа директно во втората фаза  на баражите за СП (со исклучок на Данска, Полска и Шведска) се Хрватска, Чешка, Германија, Унгарија, Црна Гора, Холандија, Русија, Србија и Исланд/Норвешка (зависно од тоа која од овие две слекции ќе се пласира на 6. место на ова ЕП.

Јасно е дека на Македонија ако се пласира во втората фаза воопшто нема да и биде лесно, било која од овие селекции да ни биде противник. Инаку Светското првенство ќе се игра од 11 до 29 јануари 2023 година.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот