Македонија е во светскиот врв и според „скриените“ жртви на ковид-19, според „Економист“

Македонија е во самиот светски врв не само според официјалниот број на ковид-жртви, туку и според одвишната смртност, која ги опфаќа и починатите во домашни услови кои никогаш не биле тестирани на ковид, според рангирањето на угледниот економски неделник „Економист“.

Професорот по теоретска механика, Дејан Трајковски, кој ги сподели податоците на Фејсбук, вели оти е важно да се истакне дека македонските бројки кои се земени предвид во анализата на „Економист“ се заклучно со 30.06.2021, пред почетокот на летниот бран, предизвикан од делта-сојот на вирусот.

Македонија е на третото место на листата на „Економист“, веднаш по Перу и Бугарија.

Дејан Трајковски /Фото: Архива на Слободен печат

„Во меѓувреме, бројот на починати кај нас прилично се зголеми, додека во Бугарија стагнираше, па најверојатно по завршувањето на третиот квартал ќе се најдеме на второто место. Ни Перу не е далеку, бидејќи тие веќе излегоа од зимата, а кај нас таа допрва доаѓа. Пресметките се направени со официјалниот број на жители на државата од 2,08 милиони жители. Доколку сметаме со 1,7 милиони жители, одвишната смртност кај нас изнесува 615 починати на 100.000 жители, што е повеќе дури и од Перу, односно уште со јунските податоци сме биле први на светот“, вели Трајковски.

фото: Економист

„Одвишната смртност претставува збирен индикатор на сите наши неуспеси, што многу реално покажува колку лошо сме поминале во досегашниот тек на пандемијата“, заклучува професорот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот