Македонија доби грант од 2,4 милиони евра од Германија за транзиција од традиционални кон обновливи извори на енергија

Грант во висина од 2,4 милиони евра наменет за енергетска транзиција од традиционалните кон обновливите извори на енергија доби денеска Северна Македонија од Германија.

Средствата ќе ги користи „Електростопанство на Македонија” (ЕСМ), а ќе бидат наменети за финансирање на изработката на физибилити студии и на студии за влијанието врз животната средина за фотоволтаичните електрани во кругот на РЕК „Битола”, за рехабилитацијата на шест големи хидроелектрани, за ветерниот парк Миравци, за модернизација и надградба на комлексот на подружницата „Енергетика” во Скопје, како и за соларна топлификација од РЕК „Битола” до општините Битола, Новаци и Могила.

Договорот во Владата го потпишаа генералниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски и директорот на KfW банката за Северна Македонија и Косово, Рене Ешеман, а на чинот на потпишување присуствуваа и премиерот Зоран Заев и германската амбасадорка Анка Холштајн.

– Со средствата ќе се финансира изработка на физибилити студии, на студиите за влијанието на животната средина и на социјалните аспекти врз проектите без кои ниту еден не може да се реализира на терен. Овие средства ќе помогнат да ја затвориме финансиската рамка за првите фази на одредени проекти, а тоа ќе го забрза темпото на нивната реализација, истакна генералниот директор на ЕСМ по потпишувањето на договорот.

Според премиерот Заев, со потпишувањето на договорот, земјава е чекор напред во исполнување на зацртаните цели од Стратегијата за развој на енергетиката до 2040 година и во имплементацијата на зеленото сценарио како најприфатливо за развој на државата.

– Овие средства се обезбедени преку германската банка за развој, која е долгогодишен партнер на нашата земја. Овие грант средства ни ставаат на располагање дополнителни 80, 5 милиони евра евтини кредити за изградба на енергетски објекти, истакна Заев, додавајќи дека еден од стратешките приоритети на Владата останува користењето на обновливи извори на енергија и замената на јагленот со природен гас.

Германската амбасадорка Холштајн смета дека земјава е на вистинскиот пат бидејќи, како што посочи, се поддржуваат „зелените“ инвестиции.

– Во Германија јасно се гледа какви се предностите што ги прави Северна Македонија во енергетскиот сектор. Владата е на вистинскиот пат, таа се бори за странски директни инвестиции за обновливи извори на енергија, но исто така, поддржува и зелени инвестиции во јавниот сектор на ЕСМ, нагласи Холштајн.

Инвестициските проекти во обновливи извори на енергија што ЕСМ планира да ги реализира во следните пет години се вредни меѓу 500 и 600 милиони евра од кои дел ќе бидат финансирани од сопствени средства, дел со кредитни линии од европските финансиски институции и дел преку јавно приватно партнерство.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот