Македонија да ги почне преговорите сега, а Софија да може да блокира кога сака?

epa09228731 President of North Macedonia Stevo Pendarovski (R) and Bulgarian President Rumen Radev (L) react during their meeting at the Skope's International Airport in Skopje, Republic of North Macedonia, 26 May 2021.After their meeting, the two delegations will travel together to the Italian Republic and on May 27, Presidents Pendarovski and Radev will lay flowers at the Basilica of Santa Maria Maggiore, where in the IX century Pope Adrian II blessed the alphabet and books written by the Holy Brothers Cyril and Methodius. EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Португалскиот предлог за решавање на спорот со Бугарија е добра основа, македонскиот јазик и идентитет ќе биде сочуван, но договорено е да не се соопштуваат детаљи за да не му се наштети на процесот, најави премиерот Зоран Заев. Според него, народот треба да биде информиран дека предлогот е добра основа, а позициите на државата ќе ги изгради Владата во консултации со претседателот и сите соодветни инстанци.

– Немаме дилеми да ги испорачаме гаранциите. Ние сме мирољубив народ и од нас може да се очекува само градење пријателство и соработка. Ако се мисли на краткото и долгото име, Северна Македонија е исто што и Република Северна Македонија и точно се однесува на државата без никакви територијални претензии ниту кон Бугарија ниту кон другите соседи – вели премиерот Заев во интервју за „Фокус“, коментирајќи ја изјавата на бугарскиот претседател Румен Радев дека Бугарија сака јасни гаранции за нејзината национална безбедност и  национални интереси.

Пендаровски: Мора да се сочуваат националните интереси

Предлогот на португалскиот министер за надворешни работи Аугусто Сантош Силва деновиове е во фокусот на вниманието во Македонија и Бугарија и според сите сигнали и најавата на претседателот Радев се очекува дека на таа основа Бугарија во јуни ќе ја тргне блокадата и нашата земја конечно ќе ги почне преговорите за членство во ЕУ. Македонскиот претседател Стево Пендаровски, кој е во Рим заедно со колегата Радев, завчера по средбата со италијанскиот претседател Серџо Матарела рече дека во овој момент е реалист и умерен оптимист и очекува во наредните денови да се достават предлози кои ќе се базираат на акциските планови за  секторската соработка кои Македонија ги подготвуваше во изминатиов период.

– Многу ми е битно дали при тоа ќе бидат сочувани виталните македонски национални и државни интереси. Ставот на Софија, кој во овој момент го формулира само претседателот Радев, бидејќи нема други функционални институции, е дека вратата не е затворена за португалскиот предлог и тоа е сè што знаеме во однос на ставот на Софија за португалскиот предлог. Ние сега бараме да почнеме со преговори, а понатаму низ годините можат буквално сите барање од тие нивни декларации и резолуции да ги стават на маса. Меѓутоа зборуваме да почнеме со процесот – изјави Пендаровски во Рим.

Шефот на државата нагласи дека нема да има нов договор со Бугарија, а Македонија нема никаков проблем ЕУ да врши мониторинг за почитување на договореното. Тој посочи и дека нема проблем ниту да се отвори посебно поглавје во преговорите или да се донесат патокази за остварување, ама е заинстересиран за содржината на тие документи.

– Неспорна е една работа, претседателот Радев зборува со сосема поинаква реторика од претходниците во бугарската Влада, министерот за одбрана, министерот за надворешни работи, и се обидува да ја спушти топката и да се обраќа со културен речник. Тој се држи до суштинските бугарски барања, не не навредува и тоа веќе кажува оти се работи за човек кој е сериозен, стабилен и не мисли да ќарува само политички поени со тоа што ќе навредува некој од соседите – рече Пендаровски.

Предлогот на Силва претседателот го оцени како сет на идеи околу кои вреди да се разговара и потенцира дека е добро што ниту една од страните не го отфрлила. Во врска со усвојувањето на преговарачката рамка Пендаровски рече дека ние не влијаеме на таа одлука која се носи исклучиво од членккте на ЕУ.

Заев: Целиот Балкан има заедничка историја

И премиерот Заев оценува дека „Радев е европски лидер“ кој може да направи позитивен исчекор, со што ќе даде шанса да се развива пријателството меѓу двете земји.

– Важно е дека ќе го добиеме она што очекуваме како минимум, а тоа е, да се води грижа за чист македонски јазик и за македонскиот идентитет. Европските лидери и членки на ЕУ потврдија дека аргументите се на наша страна и со оглед на условите во Бугарија која има техничка влада, се очекува во наредниот период, по седницата Министерскиот совет – ГАК, да почнеме со Првата меѓувладина конференција – рече Заев.

Тој не се согласува со предлогот на ВМРО-ДПМНЕ да се потпише нов договор со Бугарија, затоа  што договорот се реализира и потенцира дека за две години со Бугарија сме договориле пет историски личности и три периоди за заедничко славење.

– Историјата билатерално да се решава и за неа да разговараат експерти и историчари, иако историјата е динамична наука и секој има право на различни погледи, аргументации и докази за својата автентичност. Очекуваме одговорност и од другата стана, затоа што имаат обврска во Договорот за континуирано поддржување и помагање на РСМ. Јасно кажав дека Бугарија еклатантно го крши членот 2 од Договорот. Тие секогаш искажуваат незадоволство од реализација на Договорот, но не треба да се заборави дека нашата земја помина низ референдум, промена на Уставот, а дојде и пандемијата – вели Заев.

Тој посочи дека со Бугарија сме потпишале дека имаме заедничка историја и додаде дека целиот Балкан освен сопствена има и заедничка историја, при што како примери ги наведе османлиското ропство и Римското царство.

– Јас не предизвикувам, туку ги решавам проблемите. Имавме политичари кои проблемите ги ставаа под тепих. Досега не сум направил никаква штета на државните и националните интереси, туку напротив, не само што ги имам сочувано, туку и доафирмирано и потврдено, како што е тоа македонскиот јазик и идентитетот, кои се впишани во личната карта на Република Северна Македонија во Обединетите нации и никој повеќе не ги спори. Целосно ја носам одговорноста за моите постапки и политики, како што ги носам и ловориките во делот на успесите – рече Заев.

Брнз гледа позитивен исчекор меѓу Скопје и Софија

Гледаме позитивен пат напред и задоволни сме од тековните разговори меѓу Северна Македонија и Бугарија за унапредување на членството на Северна Македонија во ЕУ, напиша на Твитер американската амбасадорка во Скопје Кејт Брнз.

Нејзиниот коментар се однесуваше на заедничкото патување и заедничките активности на претседателите на Северна Македонија и на Бугарија, Стево Пендаровски и Румен Радев, во Рим по повод чествувувањето на Свети Кирил и Методиј. Претходниот ден Радев слета во Скопје со бугарскиот државен и по кратка средба со Пендаровски, двете делегации заедно отпатуваа кон Рим.

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот