Македонија чека одлука од СЗО за третата доза, Србија и Хрватска ќе реагираат побрзо

Пункт за вакцинација СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје

Српскиот државен секретар во Министерството за здравство Мирсад Ѓерлек рече вечерва дека националниот стручен комитет предложил, врз основа на препораките од светските и домашните истражувања, дека граѓаните треба да примат и трета доза од вакцините.

Тој во интервју за РТС наведе дека во светските истражувања „се покажало дека третата доза го зајакнува имунитетот кај лицата кои послабо реагирале на првите две дози“.

„Тие светски истражувања сепак не се на некое големо ниво, но се на голем примерок“, рече тој.

Слични размислувања има и во Хрватска па така шефот на хрватскиот Завод за јавно здравство Крунослав Цапак на прес конференција на кризниот штаб денеска најави дека веројатно во земјата ќе има вакцинирање со трета доза вакцина против коронавирусот.

„Веројатно ќе има вакцинирање со трета доза, некои земји тоа веќе го почнаа, како на пример Турција и Унгарија. Но тоа е во ретки случаи, по две дози од кинеската вакцина, која е помалку ефикасна. Никој не знае во овој момент кога ќе почнеме со третата доза. Некои студии покажуваат дека можеби нема да ни биде потребна трета доза. Меѓутоа, според мислењето на епидемиолозите од ХЗЈЗ со кои секојдневно комуницирам, многу е веројатно дека ќе биде таа трета доза, посебно за имунокомпромитираните“, рече Цапак.

Македонските здравствени власти за „Слободен печат“ нагласуваат дека варијантата за трета доза вакцина засега нема да се практикува зошто се уште нема препорака од Светската здравствена организација. „Третата доза освен во Израел што почна да ја примат, на друго место се уште не се практикува“, децидни се од Институтот за јавно здравје со кои контактираше „Слободен печат“ вечерва.

„Фајзер“ и „Бионтек“ побараа дозвола за трета доза

Неодамна двата фармацевтски гиганти Фајзер и Бионтек, анализирајќи ги податоците од израелското Министерство за здравство и ефекти од вакцинацијата во практиката, дојдоа до заклучок дека „опаѓа заштитата што ја дава вакцината од инфекции и симптоматски заболувања шест месеци по втората доза“,

Токму тие нагласија дека многу е веројатно „дека ќе биде потребна трета доза по шест до дванаесет месеци по целосното вакцинирање“ и соопштија дека сите нивни податоци и согледувања ќе ги испратат до  Американската агенција за лекови ФДА и Европската агенција за лекови ЕМА, како и до други надлежни тела, на што добија експресен одговор од ФДА.

„Според досегашните информации, на целосно вакцинираните Американци не им се потребни дополнителни вакцинации. Но, подготвени сме да администрираме дополнителни дози доколку научните докази покажат оти се потребни“, сопштија од ФДА по средбата со претставници на Фајзер.

Препораката е дека веројатно „ќе биде потребна трета доза во рок од 6 до 12 месеци по целосната вакцинација“, со што ќе се добие најголема заштита од сите досегашни соеви на коронавирусот меѓу кои е и опасниот делта сој.

Србија може и од август да вакцинира со трета доза

Од друга страна, според српските здравствени власти, ако тамошниот Кризен штаб даде „зелено светло за одлуката, веднаш ќе почнат со аплицирање на третата доза, веројатно и од август.

Ѓерлек изјави дека стручниот комитет веќе предложил како трета доза да биде вакцината на Фајзер или на Модерна, односно т.н. РНК вакцина.

„Не ја исклучија можноста тоа да биде и вакцина направен и на некој друг модел“, рече Ѓерлек и додаде дека таа ќе биде наменета пред се за хроничните болни, оние кои боледуваат од тешки малигни болести, лица кои имале трансплантација на коскена срж, лица постари од 70 години, лица постари од 60 години кои се во домовите за стари лица.

Третата доза според Ѓерлек ќе биде наменета и за здравствените и социјалните работници, а ќе може да ја примат и сите останати граѓани, шест месеци после ревакцинацијата.

Инаку според досегашните анализи втората доза беше доволна за организмот да се избори со коронавирусот при евентуален контакт без големи последици.

Рекорден број вакцинирани во еден ден во земјава

Во меѓувреме, во Македонија продолжува масовната вакцинација со прва и втора доза без закажување како и теренската, па во последните 24 часа се аплицирани рекорден број на дози во еден ден.

-Со последните бројки 62% од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, 59% од населението над 65 години е вакцинирано со барем една доза вакцина, 54% од населението над 60 години е вакцинирано со барем една доза вакцина и 44% од населението над 50 години е вакцинирано со барем една доза вакцина, соопшти денеска Министерството за здравство.

Во последните 24 часа се направени 3.569 тестирања, а регистрирани се 36 нови случаи на КОВИД-19, нема починати, а оздравени се 12 пациенти, стои во дневниот билтен на МЗ.

Видео на денот