Македонецот на „Стемфорд Бриџ“: Алиоски не се плаши од Челси!
В сабота од 21.00 часот во рамките од 11 коло во Премиер лигата Лидс му гостува на Челси. Лондонските „сини“ на домашен терен ќе ја имаат фаворитската улога, но играчите на менаџерот Марсело Биелса докажаа сезонава дека можат да играат и против најдобрите.
А тоа го докажаа во минималниот пораз на стартот против актуелниот шампион Ливерпул (4:3), нерешените дуели со Арсенал (0:0) и Манчестер сити (1:1), гостинските победи над подоброрангираните Астон Вила (0:3) и Евертон (0:1)..
На ново добро издание на клубот од „Иланд роуд“ се надева и верува македонскиот репрезентативец Езгјан Алиоски:
– Челси е голем клуб со врвни играчи. Добро е за нас, дојдовме во Премиер лигата и играме против вакви клубови и преку овие натпревари можеме да видиме до каде сме. Покажавме Манчестер сити и Ливерпул дека сме подготвени да направиме нешто против ваквите тимови. Исто и против Арсенал и Евертон, го имаме квалитетот, можеме само тимски да успееме.
Челси има подобри индивидуални фудбалери, но тимскиот напор кој го имаме, заедно со вербата едни во други навистина помага. Можеме да одиме каде било и да изненадиме, не се плашиме да одиме таму (на „Стемфорд Бриџ“) и да освоиме бодови – вели Алиоски.
На табелата екипата предводена од Френк Лампард (која има само еден пораз сезонава) е на третата позиција со 19 бодови, додека Лидс е на 12 место со 14.