Македонецот и вонземјаните

Ќе се купуваат и сувенири, на пример весници со наслови „Сакаме станови, нејќеме паркови“, парчиња од запалени контејнери и гуми од Вардар. Врти-сучи, во иднина може да станеме и туристички бум, како што се Малдивите денес.

Пред извесно време, на еден ваков зимски, ама и пролетен ден, седев и пиев кафе на балкон, кога забележав интересна појава над нашиот град. На една педа над Водно, точно на средина помеѓу Горно Нерези и „Планинарски“, се појави сјајна светлина. Најпрвин помислив дека тоа е Деница, односно нашиот планетарен сосед Венера, која обично се појавува така ниско, ама беше сред пладне и светлоста пулсираше и во еден момент се изгуби.

Тоа ме поттикна да истражувам и повеќе на темата, за која на планетарнава информациска мрежа ќе најдете толку многу теории за чудните светлини и прилично е лесно да се загубите во потрагата. Понекогаш е тоа атмосферска појава, понекогаш се случуваат активации на повисоките степени од ракетите кои носат сателити во повисоката атмосфера, како предланското лансирање на Спејс Икс, кое ја испаничи пола Калифорнија.

Кој Тасе ќе бара тука?

Понекогаш тоа се навистина необјасниви појави и чудни летала, за кои се плетат уште почудни теории. Дека има нешто во тоа, потврдија и снимките на американските пилоти кои и успеаја да забележат неколку „такви“ средби, а минатата година веста прво ја објави „Њујорк тајмс“, а потоа се појавија и видеа од американската морнарица. Впрочем, на интернет се наоѓаат сведочења од многу авијатичари, па и поранешни припадници на југословенската цивилна и воена авијација.

По „официјализирањето“ на постоењето летала што не се од „земско“ потекло, конечно се огласи и дел од научната јавност со една теорија што мене ми „мириса“ нормално. Зимава излезе од печат и книга на американскиот антрополог Мајкл Мастерс, која се занимава токму со оваа теорија. Тој вели дека чудните „посетители“ се всушност „луѓето од иднината“ кои нè посетуваат од „засега“ непознати причини. Во својот мултидисциплинарен пристап Мајкл контемплира дека некој Шелдон од иднината успеал да му „доака“ на просторно-временскиот континуум и дека во иднина патувањето низ време ќе биде најнормална работа. Да додадам и дека магазинот „Спејс“ и обрна внимание на истава книга, но повика и неколку научници што го „закопаа“ Мајкл, ама мене таа теорија ми се допаѓа.

Замислете ги луѓето од иднината во Македонија. Земете воздух и пробајте да ги разберете причините што би ги имал некој ќелав Тасе со големи очи и долги раце од иднината за да се упати на опасно патување низ простор-времето и дојде во оваа наша антибиблиска земја. Кој Тасе ќе бара тука? Не верувам дека во иднината ќе останат некои архитектонски зданија од ова време, за да ни дојдат „идните“ археолози и историчари, и онака се сè распаѓа уште денес. Не верувам ни дека ќе има и археолози и ботаничари, затоа што ние веќе уништивме најголем дел од автохтоните видови.

Мека за туристи

Но, затоа верувам дека ќе има многу туристи од иднината. Можам и да замислам со какви слогани би се најавувала туристичка тура за Македонија 2020. На пример, агенција би ги повикувала авантуристите со слогани од типот „20 минути во неверојатна смрдеа, посетата е на ваш сопствен ризик“. Други агенции би ги шетале пензионерите по Охис, па би скокнале до Цементарница, со задолжителна посета на Железарница, Југохром и Фени. Во Тетово ќе ги носат љубителите на „Ријалити експириенс“ во кои посетителите ќе можат сами да фрлат отпад од иднината и да се уверат дека никој не го собира. Охрид веројатно повторно ќе биде најпосетуван како пример за нешто прекрасно кое човекот за кратко време успеал да го уништи. Ќе се купуваат и сувенири, на пример весници со наслови „Сакаме станови, нејќеме паркови“, парчиња од запалени контејнери и гуми од Вардар. Врти-сучи, во иднина може да станеме и туристички бум, како што се Малдивите денес.

Единствено што се надевам е дека идните жители на планетава нас ќе не гледаат како што ние го гледаме шимпанзото Коко. Ќе разберат дека живееме во тешки услови и дека тоа посебно влијае на нашата психа, па ќе не испратат сите топтан на рехабилитација во некоја европска зоолошка градина да се дружиме со „нормалните“ шимпанза. А вие, ако видите некоја светлина во некој ваков убав и, поради ветрот, чист ден, насмејте се, ве сликаат вашите внуци.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот