Македонците во странство оставени без пасош, МНР тврди дека ќе се сликаат

Фото: Слободен печат

Старо-новиот проблем со издавањето патни исправи во ДКП во странство надлежните овојпат го припишуваат на коронакризата

Продолжува сагата со издавањето патни исправи на македонски државјани во дипломатско-конзуларните претставништва. На десетици граѓани кои живеат во странство им се заканува отказ од работа, поради неможноста да ја продолжат работната виза, бидејќи немаат валиден документ за лична идентификација, а воедно има и такви кои се на раб нелегално да престојуваат во странските земји. Од безизлезната ситуација единствено се вжештени телефонските врски во амбасадите и конзулатите, додека од Министерството за надворешни работи апелираат на трпение.

Оние кои се одлучија да се пожалат до редакцијата на Слободен печат, велат дека најголемиот проблем произлегува од неажурноста на дипломатските служби и нередовните термини за фотографирање за пасош, кои пак претходно, особено кога можноста била воведена пред девет години, ги имало на секои три до четири месеци.

Иако процесот некако, макар и бавно, се турка за македонските државјани од европските земји, изгледите се далеку помали за оние на подалечни дестинации. Мимоза Велјановска која живее во Кина вели дека навидум едноставен проблем може суштински да и влијае на иднината.

Одговор немавме од никој повеќе од месец. Лично јас испратив десет барања до македонското МНР и на крај ги контактирав на социјалните мрежи, поточна на фејсбук и таму ми одговорија дека треба да се вратиме. Оваа голгота со барање на одговор траеше цели два месеца, но со овој проблем се соочуваме скоро една година, кога сфативме дека ако заминеме по документи за Македонија, потоа ние нема да можеме да се вратиме повторно во Кина, би можеле да загубиме работа и право на престој, споделува Велјановска.

Слично искуство споделува и Димитра Хаџи-Поповски од Данска, чиј пасош истекува во декември годинава, а во април се пријавила во амбасадата во Копенхаген за фотографирање што било закажано во јуни.

– Загрижена сум дека скоро ќе останам без патна исправа и нема да можам да патувам во ниедна друга земја освен до Македонија, изјави Хаџи-Поповски.

Од МНР, пак, тврдат дека активно се работи на Акциониот план и мобилната станица задолжена за пасошите веќе цел месец фотографирала во Загреб, Љубљана, Виена, Бон, Берлин и Минхен.

Испратена е и втората екипа на терен, за да ги слика нашите државјани во центрите: Берн, Венеција, Рим и во Малта. За реализација на Акциониот план, и третата екипа веќе е во тек за сликање на нашите граѓаните во Франција, Холандија, Белгија, Шведска, Данска и Велика Британија. Како завршува одредена екипа со своите обврски, според распоредот, се упатуваат и во останатите центри каде постои потреба, соодветно на пристигнатите барања. Во однос на точниот редослед на услуги од мобилните екипи, сите граѓани кои аплицирале за издавање на Патна Исправа ќе бидат известени од страна на нашите ДКП-а, се вели во одговорот на МНР.

Сепак, иако во третата група се наоѓа е предвидена и посета на Данска, македонската државјанка Хаџи-Поповски тврди дека досега амбасадата не ја контактирала за термин.

Од Министерството доцнењето го припишуваат на пречките во патувањето на мобилната станица предизвикани од пандемијата.

– Поради постојаното прилагодување на мобилните тимови со промените и протоколите на секоја земја посебно, (вклучувајќи ги неизбежните карантини во траење од 14 дена, дозволените премини, престој, групирања на поголем број на луѓе и сл), во момент на светска пандемија, замолуваме за разбирање од сите граѓани, додаваат од МНР.

Но, Македонците во странство тврдат дека потешкотиите со издавање патна исправа континуирано се повторуваат.

– Минатата година во февруари се јавив да закажам за пасош во амбасада, но ми рекоа да им оставам број и веќе не ме контактираа, иако кажаа дека ќе фотографираат за четири до пет месеци. Во меѓувреме оваа услуга ја завршив во Скопје, открива македонски државјанин што живее во Холандија.

Од МНР известија дека вложуваат максимум и дека во најкус можен рок ќе одговорат на барањата.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот