Македонците со бугарски пасоши можат да се вакцинираат во Бугарија

Вакцинација во РС Македонија / Фото: Драган Митрески - Слободен печат.

Претседателот на здружението „Македонско-бугарско пријателство“, Добре Митрев соопшти дека македонските граѓани кои поседуваат бугарско државјанство и кои сакаат да се вакцинираат против ковид-19, тоа можат да го сторат преку интернет порталот „COVID-19 Регистрация за ваксинация“.

Заинтересираните за вакцинација ќе можат да го одберат видот на вакцината, местото и времето за вакцинирање, но за да појдат во Бугарија за да се вакцинираат, потребен ќе им биде негативен тест издаден од овластените здравствени установи во земјава.

Регистрацијата се одвива во четири чекори, во првиот заинтересираните лица треба да ги пополнат личните податоци, име, презиме, фамилијарно презиме, потоа следи тип на идентификација или ЕГН (единствен број на граѓанинот), датумот на раѓање, бројот на личната карта, датум на издавање и од која единица на МВР е издадена. Исто така, треба да се избере и начинот како сакате да бидете известени – по е-пошта или преку СМС порака.

Потоа се преминува на вториот чекор, а тоа е избор на вакцина. Исто така, постои опција дека немате специфични преференци. Третиот чекор во регистрацијата е избор на центар за вакцинација, а четвртиот чекор е да се одреди посакуваното време за администрација на вакцината, со опциите поставени за десет минути.

Според информациите, 24 часа пред времето на вакцинација, ќе добиете потсетување на начинот на кој сте го одбрале местото и времето во кое мора да се појавите. Системот ќе работи една недела понапред. Сите луѓе кои ја примиле првата доза од која било од трите вакцини ќе бидат официјално регистрирани во системот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот