Македонците се изгубени муви ѕунѕари во времето и просторот!

Благојче Атанасоски
Благојче Атанасоски. / Фото: Архива на Слободен печат

Оваа година граѓаните на Македонија ќе прослават триесет години од својата независност, во која влеговме со огромна надеж за подобро општествено утре, со многу емоции и со верба дека по првпат во историјата Македонците самите ќе се управуваат себеси и својата земја. Резултатите се и повеќе од поразителни.

Во екот на најголемата светска пандемија предизвикана од ковид-19 која тектонски го помести и видоизмени човечкото секојдневно живеење, а со тоа ги реорганизираше и меѓународните односи, пред сѐ помеѓу Великите сили, Европа го одбележа својот ден. Победата над фашизмот и нацизмот значеше и одново градење на општествата, по Втората светска војна, во еден формат од кој се изнедрија ООН, ЕУ, НАТО и Варшавскиот пакт. Повоена Европа, влезе во уште една „војна“, наречена Студена, во која трката за вооружување и подвојување во два спротивставени воени блока доведе до константни тензии и шаховски потези на геополитичката табла, со кои се избегнуваа воени судири, но и светот беше многу блиску до нови. Како и да е, човештвото никогаш повеќе не остана исто.

Работната етика го победува духот на мрзеливоста!

Според познатото, нацистичка Германија беше поразена и претворена во прав и пепел, во буквална и преносна смисла на зборот и Германците по војната мораа наново да ја градат и физички својата земја, но и морално-општествено. Сонародниците на Црвената армија, најмоќната, но и најзаслужната европска армија за победата над хитлеризмот, завршија во тоталитарен сталинизам, од денешна гледна точка на изучување по светските универзитети по предметите за современи политички теории, како систем еднакво рамен, можеби дури и полош од тој на нацистичката држава на Адолф Хитлер. Колку и парадоксално да звучи, поразените Германци, според нивниот работен дух и етика, по 75 години од нивното докрајчување во војната денес се економски најпросперитетната европска нација, „ветена земја“ за многу имигранти од земјите од Западниот Балкан, Блискиот Исток и Африка, но и од земјите од поранешниот СССР. Што значи, победниците од Војната, согласно со нивното уредување и начин на поимање на животот (тоталитарна централизација, партизација, планирана економија со колективен живот без елементарни човечки права) од Истокот на Европа создадоа мизерни и лоши, по квалитетот на животот, услови за човечка егзистенција. Разврската е позната, поразената и подвоена меѓу Западот и Истокот Германија, во 1990 година повторно национално се обедини и денес е моторот на економски најбогатиот политичко-асоцијативен клуб, Европската Унија, додека СССР се распадна како меур од сапуница, токму поради неодржливоста на системот на уредување и управување на оваа наднационална федерација, составена од етничко и религиски шаренолики општества.

Македонија го има изгубено моралниот компас

Каде сме ние во целата оваа дихотомија на поставеност денеска на општествените уредувања, политичките заедници и пред се на перспективноста на животот? На поставеното прашање во емисијата „Во центар“ од новинарот Васко Ефтов, „каде сме сега ние, што правиме“, пензионираниот професор по социологија од Филозофскиот факултет во Скопје Илија Ацевски саркастично одговори дека се движиме како „муви ѕунѕари“, односно летаме хаотично, лево – десно, горе – долу без компас и не знаеме што да направиме со себе. Оваа година граѓаните на Македонија ќе прослават триесет години од својата независност, во која влеговме со огромна надеж за подобро општествено утре, со многу емоции и со верба дека за прв пат во историјата Македонците самите ќе се управуваат себеси и својата земја. Резултатите се повеќе од поразителни: руинирани и целосно партизирани институции, девастирано здравство и образование, сеприсутна и ендемска корупција, голема и системска невработеност, огромно и масовно иселување пред сè на младите работоспособни луѓе, низок животен стандард и за балкански услови, или под една црта кога сè ќе се собере, живот од денеска за утре, без јасна и проектирана иднина за просперитет. Нација на дијазепам и хелекс. Најстрашното од сè е што веќе речиси никој и не остана да биде оптимист на прашањето дали „ќе ја биде Македонија“, бидејќи од биденото веќе сè е видено. Често пати сум пишувал дека оваа нација и држава нема морален ориентир, нема морален компас, нема изградени норми на поведение, по кои ќе си го уредува на наједноставен можен начин своето секојдневно функционирање. Тоа е одлика на разочараноста, претворена во апатија и гнев кон целокупните општествено-политички состојби, во кои обичниот граѓанин не гледа излез и се чувствува како заробен во еден кафез на постојано и секојдневно венеење и тонење во амбисот на бесперспективноста. Тоа е така, бидејќи е карактеристично за народ што е дијаметрално спротивен на германскиот, а многу сличен на рускиот: без работна дисциплина, без етика на штедливост, без визија, без поставени „правила на игра во градот“, кои сите ќе ги почитуваат и ќе се однесуваат според претходно договореното за да има успех заедницата. Кај нас се на „цена“ полупроизводите од луѓе: мрзливците, превртливците, измамниците, лажговците без грам срам и ни тронка морал во своето битисување. Нашиот народ за таквите дал една дефиниција „се снашле“. И наместо да се срами од нив, тој ѓомити ги критикува, но длабоко во себе посакува да е како нив и да е на нивно место. Затоа, не се жалете што сме до ова дереџе, под македонското дно, секогаш има уште за копање надолу.

(Јазикот на кој се напишани како и ставовите изнесени во рубриката „Колумни“ не се ставови и одраз на уредувачката политика на „Слободен печат“)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот