Македонците „ладни“ на нон пејперот на Јанша

Словенечки премиер Јанез Јанша/Фото: EPA-EFE/ANTONIO BAT

Веста дека словенечкиот премиер Јанез Јанша испратил „таен“ документ до ЕУ во кој предлага „мирно“ дораспаѓање на поранешна Југославија и промена на границите, меѓу кои и на Македонија, изгледа не ја стресе многу медиумската јавност кај нас, зашто беше објавена во рубриката „свет“. Оттаму веројатно не ги возбуди многу ниту официјалните државни органи ниту политичките партии, како тоа да не се однесува за Балканот.
Можеби навистина не постои таков документ, но такви идеи сигурно циркулираат и во регионот и на Запад. Но што ако таков таен документ е сепак испратен до Европскиот Совет.
На барање на Слободен печат со куса реакција сепак се јави претседателот Пендаровски:

„Независно од тоа дали постои таков документ или не, ставот на претседателот Пендаровски е одамна познат и многу пати кажуван, а тој е дека секое прекројување на границите на Балканот нема да придонесе за стабилизација на регионот“.

А од Владата пак за Слободен печат велат:

„Владата на Северна Македонија нема официјална информација за постење на еден таков нон-пејпер.
Северна Македонија е членка на НАТО, нејзиниот територијален интегритет и суверенитет е забетониран, и тука нема никакви ризици. Република Словенија била и останува силен поддржувач на интеграцијата на Западен Балкан и тоа досега многу пати на дело го покажала. Балканот може само да се интегрира во ЕУ, за народите да живеат подобро. Од таа перспектива, во иднина очекуваме отстранување на границите согласно европските гранични политики, онака како што секоја од земјите на Балканот ќе станува членка на Европската Унија“.

Од страна на ВМРО-ДПМНЕ не добивме одговор на тоа како гледаат на можното постоење на нон пејпер од страна на словенечкиот премиер Јанез Јанша со кого претседателот и потпретседателот на оваа партија Мицковски и Николовски во јануари имаа средба и дали тој тогаш им најавил вакво сценарио.

Сепак, земјата во која беше објавен написот за постоење на таен нон пејпер сериозно ја сфати заканата од неговата содржина, па словенечкиот амбасадор во Босна и Херцеговина (БиХ) е повикан во Министерството за надворешни работи за да ги објасни  гласините за наводните планови од Љубљана за распаѓање на земјата домаќин и за прекројување на границите на Западен Балкан.

Инаку според написот во Еуроактив, како потврда на гласините била наведена изјавата на Жељко Комшиќ, член на хрватското претседателство, кој во понеделникот за локалните медиуми потврдил дека словенечкиот претседател Борут Пахор прашал во неформален разговор за време на официјалната посета на 5 март дали е „можна е мирна разделба во БиХ“, а се однесува на отцепувањето на Република Српска (српски ентитет на Босна, РС).

„Неодамна, се повеќе се слушаат гласови во Европа кои велат дека распадот на Југославија треба да се заврши. Може ли мирно да се распадне БиХ? “, Наводно, е прашањето што Пахор им го поставил на членовите на Претседателството на БиХ, Милорад Додик, Шефик Жаферовиќ и Жељко Комшиќ.

Хрватскиот и бошњачкиот член, одговориле дека ова не е можно, додека српскиот член Додик го дал спротивниот одговор.
Претседателот Пахор не го демантира дијалогот туку објаснува дека „од загриженост редовно предупредува на идејата за распаѓање на БиХ и прекројување на границите на Западен Балкан“.

Промената на границите на Западен Балкан не е нова идеја која циркулира во високи дипломатски кругови на големите сили, особено во контекст на решавање на Косовско-Српскиот спор. Една од идеите на Трамп се споменуваше и можноста за размена на територии, на која се спротивставила Германија.
Инаку и Советото за Безбедност на ОН во видео конференцијата вчера ги изрази очекувањата по изборите на Косово за напредок во дијалогот со Србија, за надминување на нивните разлики и градење стабилност на Западен Балкан.

Инаку Словенија од Јули го презема претседателството со ЕУ и се очекува да ги обзнани нејзините приоритети на кои мисли да се посвети во тој шест месечен период. Ако случајно во нив навистина спаѓаат и оние од нон пејперот ќе биде навистина непријатно озненадување, иако е малку веројатно дека „ваквите ставови“ толку бргу ќе бидат официјализирани во званичен документ.

За воља на вистината Словенија е првата европска земја која уште од почетокот на независноста на Македонија силно ја подржувала нејзината европска перспектива особено преку т.н. Твиниг проекти за јакнење на капацитетите на државната администрација.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот