Македонците би ја загадиле и водата на Месечината?

Фото: Слободен печат

Мора да се признае дека водата ние во Македонија ја третираме како последна мивка. Како нешто небитно, односно се однесуваме како во животот вода да не сме пробале.

На Месечината има вода, потврдија пред некој ден од Американската агенција за вселенски истражувања – НАСА. Тоа, секако, не значи дека на Месечината има океани и мориња, но анализи на телескопски снимки потврдија дека вода во молекуларна форма има и на осончената површина, а не само во мали реони околу Јужниот Пол. Водата, дури и во таква молекуларна форма, е неопходниот ресурс за изградба на постојани бази со персонал, кои би овозможиле понатамошни истражувања и експлоатирање на другите ресурси на Месечината, но и би ја направиле попатна станица за поамбициозни мисии, пред сѐ за испраќање вселенски брод со екипаж до Марс.

Значи од НАСА се заинтересирани водата од Месечината да ја искористат како ресурс за поддршка на вселенските истражувања. А, што би направиле Македонците? Доколку наместо НАСА, водата на Месечината ја откриеше, да речеме МАСА, некаква претпоставена македонска агенција за вселенски истражувања, каков ќе беше тогаш планот за водата? Одговорот се наметнува сам по себе, од начинот на кој се однесуваме со водата во нашата земја.

Водата се повлекува од нашите езера, чии прекрасни плажи се претворени во ресторани на отворено, трските во кои се мрестат ендемски видови се исечени, а фекалиите од септичките јами на многубројните дивоградби од крајбрежјето слободно се влеваат во длабочините.

Реките веќе одамна ни се загадени, а вниманието кон нив се врти само кога од време на време на интернет ќе се појави некоја фотографија, на која се гледа црвена или зелена боја по течението на некоја од македонските реки. Нема река во Македонија која не е опеана со барем една народна песна и за која не постои традиција на лековитост. Но, попусто, во реките се испушта канализација, шут, ѓубре, хемиски отпад и кој знае уште што?

А, што е со водоводот? Водоводниот систем во Скопје главно се базира на канцерогени азбестни цевки, кои ниту еден градоначалник досега не се сети дека треба да се сменат. Потфатот е скап и има слаба подлога за рекламирање, па затоа и е неатрактивен за политичарите.

Мора да се признае дека водата ние во Македонија ја третираме како последна мивка. Како нешто небитно, односно се однесуваме како во животот вода да не сме пробале.

И, ако размислуваме хипотетично, Македонците на Месечината првата работа што ја ќе направат ќе биде да го загадат и тоа мало количество вода, па макар била и во молекуларна состојба. Космонаутите ќе пијат канцерогена вода, фекалиите од тоалетите ќе се испуштаат директно во резервоарите со водата, а  богатите наоѓалишта со вода на Јужниот Пол од сателитот, за ич пари ќе им бидат доделени на концесија на нашите олигарси, кои потоа ќе ја флашираат водата и ќе ја продаваат по цена на „суво злато“. Македонија е мало, но прекрасно парче земја на кое, според легендата, Господ му подарил од најубавото. Но, очигледно е дека луѓето биле одбирани од друго место.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот