„МакеДокс“ објави отворен повик за работилница за развој на идеи со Туе Стен Милер

Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“, што ќе се одржи од 18 до 25 август во Скопје, објави отворен повик за учество на работилница за развој на идеи со Туе Стен Милер, консултант за документарни филмови и филмски критичар од Данска.

Фокусот на тринаесеттото издание на „МакеДокс“ е ставен на развој на идеи. Отворениот повик за работилницата со Туе Стен Милер е наменет за режисери и продуценти со кратки или долгометражни креативни документарни проекти во развој што се продуцирани или копродуцирани во Грција, Албанија, Бугарија, С Македонија, Србија, Косово, Црна Гора, Хрватска, Босна и Херцеговина, Словенија, Романија и Турција.

Работилницата ќе трае три дена и ќе содржи групна сесија и мастерклас (20 август), индивидуални сесии (21 август) и групна сесија и презентација на проектите (22 август). Сите сесии од работилницата ќе се одржат во живо во Скопје, на англиски јазик. Работилницата е бесплатна. Учесниците треба сами да си ги покријат трошоците за пат и сместување.

Пријавата за учество се пополнува преку формулар објавен на веб-сајтот на „МакеДокс“ (http://makedox.mk/mk/), а рокот за пријава е до 15 јули 2022. Како учесници на работилницата ќе бидат избрани шест проекти во развој.

– Задоволство ми е да се запознам со режисерите на проектите во развој. Можеби сте ја напишале вашата идеја, можеби имате тритмент, можеби (сметам дека ова е најважно) имате некаков снимен материјал што ќе го покажете. Клучно е да бидете отворени за фидбек од мене и од колегите. Се надевам дека по работилницата ќе си заминете со она што јас го велам „креативна конфузија и сомнеж“ – истакнува Туе Стен Милер во однос на целта на работилницата.

Туе Стен Милер работел со документарни филмови повеќе од 20 години со Данскиот филмски одбор, како офицер за печат, фестивалски претставник и филмски консултант/комесар. Коосновач е на Балтикум Филм и ТВ Фестивал, Филмконтакт Норд, Documentary of the EU and EDN (Европската документарна мрежа).

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 136, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 9-10 јули 2022)

Видео на денот