Мајски оперски вечери онлајн: Оперски крстопат на цивилизации и култури

Најзначајниот фестивал на Националната опера и балет, Мајски оперски вечери, годинава ќе се одржи во традиционалниот термин од 9 до 31 мај, но ќе биде реализиран во онлајн-верзија. Фестивалот ќе биде отворен на 9 мај со дигиталната премиера на најновата продукција на операта „Кармен“, на 12 мај ќе биде прикажана балетската претстава „Рајмонда“, на 15 мај „Турандот“, на 17 мај „Кавалерија Рустикана“ и оперскиот концерт по повод 70 години од оперската уметност.

На 19 мај ќе може да се проследи балетскиот концерт „Балетски бисери“, а на 22 мај операта „Фауст“. На 24 мај, по повод празникот Св. Кирил и Методиј, на програма ќе биде операта „Лидија од Македонија“ од Ристо Аврамовски. Операта „Адријана Лекуврер“ ќе биде емитувана на 26 мај, а операта „Травијата“ на 29 мај. Традиционално, на 31 мај ќе се емитува операта „Аида“.

Директорот на Националната опера и балет м-р Васо Ристов вели дека Мајските оперски вечери се крстопат на цивилизации и култури од целиот свет, но, пандемијата ги променила сите планови што ги имале за 48. Мајски оперски вечери.

Васо Ристов и Бисера Чадловска

На официјалниот Јутјуб-канал на Националната опера и балет ќе може да се проследат 10 продукции, осум оперски и две балетски.

– Ова е период од годината кога ние, вработените во Националната опера и балет, сме секогаш најпродуктивни и во зенитот на нашата оперска и балетска сезона. За нас, 9 мај е најочекуваниот ден во годината, ден до кој доаѓаме по период исполнет со макотрпна работа, труд, но и возбуда поради тоа што не очекува во текот на месецот. Нам уметниците, оваа година ќе ни недостига чувството на исполнетост, креативен порив и адреналинот кој го чувствуваме додека сме на сцена за време на нашите претстави. Верувам дека сите емотивно го доживуваме овој период и со нетрпение очекуваме да се вратиме на нашите работни места.

Сите ние кои се занимаваме со музика знаеме дека ја имаме најубавата работа на светот. И бидејќи постоиме за вас, нашата верна публика, сега од вас ја бараме најголемата поддршка. Во месец мај споделувајте ги линковите од нашите претстави и не нѐ заборавајте. А на сите вас кои некогаш сте настапиле на Мајските оперски вечери или сте учествувале во некој нашите проекти, ви се заблагодаруваме на поддршката, вели Уметничкиот раководител на операта, м-р Бисера Чадловска.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 30, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 9-10 мај 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот