Мајката на Енди Мареј: Сега ќе треба да навивам за Ѓоковиќ? Ќе биде првпат!
Џуди Мареј не го сака многу Ѓоковиќ, кој повеќепати го победуваше нејзиниот син, но сега ќе треба да навива за него, затоа што Енди му е тренер
Новак Ѓоковиќ (37) и Енди Мареј (37) беа големи ривали на тенискиот терен уште од најмлада возраст. Сега ситуацијата е сосема различна, Шкотот, кој се повлече од активното играње, од неодамна му е тренер на Србинот. Сега се сојузници.
Џуди Мареј, мајката на Енди, го следеше синот низ целата играчка кариера, па секако навиваше за него во дуелите со Ѓоковиќ. Новак води во меѓусебните пресметки со 25-11, а во финалните мечеви меѓу нив двајцата подобар е со 8-2. Тие играле финале на Австралија опен четири пати и секогаш Новак победуваше…
Очекувано е дека Џуди не го сака многу Србинот, но сега е во необична, можеби дури и комична ситуација, да навива за него идната сезона затоа што нејзиниот син му е тренер.
– Сега ќе треба да навивам за Новак Ѓоковиќ? Тоа ќе биде првпат! Но, мислам на најубав начин, се разбира. Првпат го видов Новак на турнир до 12 години во Франција. Значи, тие (Мареј и Ѓоковиќ) многу добро се познаваат на теренот и надвор од него – вели Џуди.
Џуди Мареј (65) е тениски тренер и го тренираше својот син Енди на почетокот на неговата кариера.