Мајката која се породи додека беше на респиратор, го победи коронавирусот (ФОТО)

US Health

Мајка од Охајо, која се породи додека беше на респиратор, го победи коронавирусот. Меган Сајтс (27) била бремена во седмиот месец со своето второ дете кога итно била префрлена во болницата на први април, бидејќи имала тешкотии во дишењето, пренесува „Дејли мејл“.

Меган со нејзиниот сопруг / Фото: Facebook

Со тестирањето бил откриен коронавирус во нејзините бели дробови и била ставена на респиратор во будна состојба. Таа рекла дека можела да ја почувствува цевката како влегува во душникот.

Подоцна била пренесена во друга болница, во Дејтон, а бидејќи накратко се подобрила нејзината состојба, лекарите ја тргнале од респираторот. Но тогаш дошло до нагло влошување.

– За 48 часа, мојата состојба потполно се влоши – вели Меган.

Таа не можела да ги види ниту сопругот Дони, ќерката, родителите, роднините или пријателите, поради рестрикциите во болницата заради пандемијата.

Меган со семејството / Фото: Facebook

– Имав моменти на нервен слом. Си реков дека тоа е тоа, дека нема да успеам. Сè ме болеше во телото, дишењето беше болно, движењата, кашлањето – раскажува Меган.

Таа побарала од болничкиот персонал повторно да ја стават на респиратор, но овој пат додека спие.

Лекарите на 8 април го известиле нејзиниот сопруг дека респираторот би можел да ѝ помогне на Меган за да ја истера бременоста до 30-та недела. Меѓутоа, 20 минути подоцна, Дони бил повикан од лекарите за да го известат дека белите дробови на Меган откажуваат. Лекарите рекле дека мора да ја породат следниот ден за да ја спасат.

Меган била подложена на процедура на екстракорпорално одржување во живот, т.н. екстракорпорална мембранска оксигенација (ECMO) што според анестезиологот на „УС Хелт“, д-р Сузан Бенет е „речиси последно средство“. Ова значи дека таа била ставена на машина што привремено ги заменува срцето и белите дробови. „УС Хелт“ никогаш не ставил бремена жена на машина ECMO, но Меган била добар кандидат.

Таа потоа заедно со апаратот била пренесена со хеликоптер во болницата „Мајами вели“ во Дејтон, каде бил направен царски рез, по 29 недели и шест дена бременост. Родила момче, кое е сместено на одделението за неонатална интензивна нега.

Кога Меган се разбудила, не се сеќавала дека се породила бидејќи спиела.

  • Оттогаш имав многу халуцинации, но на самиот третман ЕСМО. Вистинско чудо е што воопшто седам тука и разговарам со вас. Немам зборови, нема начин на кој можам да им се заблагодарам како што заслужуваат. Ова е надреално – вели Меган.
Фото: US Health

По 10 дена, Меган конечно можела да го запознае својот новороден син Џејмсон, кој сè уште е во болницата. Лекарите велат дека бебето е здраво и дека нема знаци на инфекција со ковид-19, па ќе го пуштат дома за четири до пет недели.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот