Мајка од САД, која пријавила синот ѝ исчезнал, е обвинета дека го убила

Фото Chatham County Police Department/ Твитер

Мајката на Квинтон Сајмон, 20-месечното бебе од Џорџија, кое исчезна минатиот месец, е обвинета за неговото исчезнување и убиство откако во петокот беа пронајдени човечки останки во локалната депонија, соопшти локалната полиција.

„Длабоко сме тажни поради овој случај, но благодарни што сме чекор поблиску до правдата за малиот Квинтон“, објави полициската управа на округот Чатам на Твитер, додавајќи дека ја уапсиле неговата 22-годишна мајка Лејлани Сајмон.

Полицијата потврди дека мајката е главен осомничен и дека не очекуваат други апсења поврзани со овој случај. Сајмон првпат пријавила дека нејзиниот син исчезнал на 5 октомври. Таа, наводно, последен пат била видена во куќата во која живеела со нејзиното момче и мајка, кои имале старателство над нејзините две деца.

Наводно, Сајмон им кажала на службите за итни случаи дека верува дека некој го однел нејзиниот син од ограденото игралиште пред таа да се разбуди за да ја најде вратата од куќата отворена. „Од тогаш, милиони луѓе го следат случајот на Квинтон и чекаат одговори“, соопшти полицијата.

Но, повикот што таа го упати на 911, пријавувајќи дека детето исчезнало, дојде неколку часа откако и испратила порака на дадилката на Квинтон, Дијана Мекарти, да не доаѓа да ги чува децата. „Добив порака утрово да не доаѓам, дека нема потреба да ги чувам децата, во 5:29 наутро. Што беше чудно затоа што ги чувам дури и кога таа не работи“, изјави Мекарти за локалните медиуми на денот на исчезнувањето.

Истрагата почнала да се фокусира на Сајмон откако нејзината мајка во полиција изјавила дека не и верува на ќерка си. Полицијата ја пребаруваше локалната депонија речиси еден месец со надеж дека ќе ги најде посмртните останки на Квинтон. За време на прес-конференцијата во понеделникот, локалниот шериф Џеф Хедли рече дека инспекторите пронашле човечки останки во петокот, кои се испратени на ДНК тестирање.

„Имаме сите причини да веруваме дека посмртните останки ќе бидат потврдени како на Квинтон“, рече шефот Хедли, според Фокс5-Атланта.

Таткото на Квинтон, 24-годишниот Хенри Мос, рече дека не се слушнал со Лејлани со месеци, но ја предупредил полицијата дека таа не е добра мајка. „Таа е ужасна личност и треба да оди во затвор или во пекол. Таа е злобна. Не требаше да биде тука во општеството. Можеше да каже дека не го сака, јас би дошол по него“, изјави тој за Дејли Мејл.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот