Маја Улк, физиотерапевтка и холистички тренер: Промената во себе носи промена на нашата релност

Решавањето на здравствениот или емотивниот проблем се одвива на сите нивоа на нашето битие, а не само на физичко ниво.

Маја Улк по професија е дипломиран физиотерапевт, со работно искуство над 33 години, а во последниве години работи и како холистички тренер. Низ нејзината работа сознала дека за лекувањето да биде успешно, еден од условите е да постои безгранична доверба меѓу физиотерапевтот и пациентот.

Сè уште мал број луѓе во нашата земја разбираат дека една од најважните мисии во нашиот живот е работата на личниот раст и развој. Многу мал број луѓе сакаат да инвестираат во себе.

– Поради специфичноста на физиотерапевтската работа, која некогаш трае со месеци, помеѓу физиотерапевтот и пациентот се создава цврста врска базирана на меѓусебна доверба и почитување. Кога со некого се гледате секој ден, работите на намалување на болката, го учите нови вештини, некогаш некого учите како повторно да завладее со седење, одење, тогаш нормално е да се развие една поголема човечка блискост во која се разменуваат мисли и идеи – ни раскажува Маја.

Освен со прашањата поврзани за конкретниот здравствен проблем на пациентите, таа се соочувала и со други животни прашања кои произлегувале од нивниот здравствен проблем. Вели дека тогаш не знаела што да прави со тие информации, па само ги сослушувала и го искажувала своето сочувство и доверба за споделените проблеми. Но пред четири години се случило и самата да мора да направи операција на вените од ногата. Иако операцијата била рутинска, вели дека се претворила во нејзина голема животна лекција. Имено, по оперативниот зафат се разбудила со комплетна парализа на стапалото. За да го излекува стапалото, физиотерапевтката требала да помине низ многу трансформативни програми и да се ослободи од многу внатрешни блокади што ја спречувале да го живее животот со неговиот полн потенцијал.

– Решавањето на здравствениот или емотивниот проблем се одвива на сите нивоа на нашето битие, а не само на физичко ниво. После практикување на програмата од Сома, резултатите беа и повеќе од очекувани и знаев дека оваа техника треба да ја донесам во Македонија. Техниката посебно ме привлече зашто зад неа стојат медицински докази за сите методи со кои таа се служи – додава таа.

Сома дишењето е специфично бидејќи се практикува со одредена музика.

Што значи да се биде сома инструктор, што е сома дишење, кои се придобивките?

– Дишењето е една од најбитните техники за подобрување на нашата здравствена состојба. Во секојдневното живеење луѓето често неправилно дишат, го запираат здивот кога вежбаат, кога сакаат нешто да кажат, кога се под стрес. Нашите навики, реакции и емотивни доживувања го менуваат ритамот на дишењето, а тогаш се активира симпатетичкиот нервен систем, кој предизвикува срцебиење, покачен крвен притисок, потење. Сите овие симптоми се дополнителен отежнувачки фактор што влијае на ментално, емотивно и физичко ниво. Сома дишењето е специфично бидејќи се практикува со одредена музика, со претходно запознавање со проблемот на клиентот. Се дише во ритам без пауза и во зависност од тоа што треба да добиеме или да предизвикаме кај клиентот, се комбинираат повеќе рунди на дишење со различни интервали и ритми на дишење. Дишењето може да се практикува индивидуално или групно. Со ова дишење може да предизвикаме и длабока релаксација, може да донесеме повеќе енергија и покачување на вибрацијата на телото, да работиме на детоксикација и чистење на телото, да развиеме здрава навика за долговечност, да донесеме повеќе јаснотија и бистрина во умот, да ја подобриме физичката издржливост на телото, како и да се ослободат потиснатите емоции и инпринти што се во нашето тело уште од најраната возраст. Сома дишењето помага и при губење на тежина, ја зголемува енергијата, го поттикнува забрзаното заздравување, иницира ослободување на матични клетки, ја редуцира анксиозноста и паничните напади, ја подобрува дигестијата, го намалува воспалението, се губат симптомите на астма и проблемите со синусите, го подобрува расположението, го подобрува длабокото спиење, ве носи во креативна состојба на умот.

Помеѓу жените и мажите поголем е бројот на жени што се заинтересирани за работа на себе.

Каков е интересот меѓу Македонците за ваков тип часови, дали се повеќе заинтересирани жените или мажите?

– Реалзирав многу бесплатни часови на дишење со цел луѓето да можат да ги почувствуваат придобивките од оваа техника, но за жал интересот не беше многу голем.  Мислам дека сè уште мал број луѓе во нашата земја разбираат дека една од најважните мисии во нашиот живот е работата на личниот раст и развој. Многу мал број луѓе сакаат да инвестираат во себе. Среќата, успехот на емотивно ниво, на полетo на финансии и кариера, воопшто напредокот во сопствениот живот е условен токму од работата на себе. Промената во себе носи промена на нашата реалност. Помеѓу жените и мажите поголем е бројот на жени што се заинтересирани за работа на себе. Најголема придобивка од работата на себе е можноста за менување на својата реалност. Не постои иста реалност за сите.

Како да ја сочуваме смиреноста за време на стресните и несигурни времиња?

– Некој во Македонија живее под картонски кутии и на улица, а некој живее во раскошна куќа. Во Македонија има луѓе што се на работ на преживување, а од друга страна има продавници во кои еден џемпер чини 40.000 денари и тие продавници со години опстојуваат. Сите луѓе не живеат во иста реалност. За некој времињата се несигурни, но за други, времињата се стабилни. Во зависност од тоа што се случува во нас, ние може да живееме под стрес и да се чувствуваме несигурно или можеме да живееме опуштено и релаксирано. Затоа, од огромно значење е да се работи на себе за да се исчисти нашиот внатрешен простор, кој влијае на донесување на секоја одлука во животот, а тие одлуки се оние што нè довеле до ова место во животот. Но сепак, има неколку општи правила за здрав и среќен живот, кои се од особена важност за зачувување на нашиот внатрешен мир и јаснотија на умот, за справување со стравот и воопшто со секојдневните предизвици. Многу е важно да се држи фокусот на себе и секојдневно да се освести прашањето „како се чувствувам?“. Под задолжителна дневна пракса за одржување на нашето психофизичко здравје е консумирање храна што му одговара на нашето тело, редовно физичко вежбање, практикување на секојдневни медитации, духовна пракса или работење со некоја енергетска техника, поминување одредено време во природа, легнување во 22 часот и спиење шест до осум часа во текот на ноќта.

Кој е вашиот омилен цитат како животна лекција?

– Невозможното не постои.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот