Маја С. Крстиќ: Во морето на музички шунд, музичката вредност е потребна повеќе од било кога

Во „Пијано Арт“ ја користиме музиката за промени, го потикнуваме развојот кај најмладите со цел создавање на една поубава средина на живеење.

Маја С. Крстиќ е ментор и основач на престижното музичко училиште „Пијано Арт“ од Скопје. Своето музичко образование го стекнала во Нови Сад, специјалистичките студии ги завршила во Австрија, а својот музички пат го продолжува во Македонија.

– Пресудна улога во животот на секој поединец ја зазема неговата непосредна околина. Моите родители ми дозволија мојот дух непречено да се развива и да ја доживува неограничената слобода која што му ја нуди љубовта кон животот. Го следев срцето и ги следев сопствените соништа, исполнувајќи го животот со љубов. Секогаш делував како што искрените чувства и мисли ме водеа низ животните предизвици, прифаќајки го животот со многу страст и трансформирајќи ги во успешно животно патување. Тоа патување ме доведе до она што сум денес, мајка, сопруга, педагог, која од сопствениот живот создава музичко дело. Впрочем и самата музика е уметност која останува забележана како момемент на инспирација и емоција која во нас растела и созравала низ премрежијата на индивидуалните животни патешествија, ни вели Маја на почетокот на разговорот.

Вели дека успехот никогаш за неа не бил „спиритус мовенс“ во нејзиниот живот, туку секогаш настојува да го негува семето на креативноста кое инспирира и нè води до изворот на животот, поврзувајќи нè со сопственото битисување. Кога за прв пат го посетила Скопје благодареније на нејзината драга пријателка Весна, тоа било за неа сосема нова инспирација.

– Култура, луѓе и живот кои настанале како резултат на тешки искушенија, создавајќи етнос со специфична културна позадина и извонредни уметници кои сведочат за неа. Несекојдневната убавина која ја нуди овој град, спој на ориенталното и западното, на природното и урбаното може да се сретнат на различни места во овој град и само тука, не оставајќи го ниту еден уметник рамнодушен. За мене, Скопје е истовремено и врска со мојата сопатна љубов, мојот сопруг, на кого сум му благодарна што имам можност да растам и да индивидуирам до сопствената целовитост. Состојбата на иманентна и безусловна љубов ја проектираше и идејата за интегративен педагошки концепт во кој младиот човек како „homo musicus“ ќе ги употреби зададените таланти за социјална комуникација и трансформација, додава Маја С. Крстиќ.

 Што е Пијано Арт?

– „Пијано Арт“ е училиште кое нуди музичка едукација. Средина во која се развива однос кон хармонијата и убавината на животот, простор во кој младиот човек расте во и низ музиката. Ние ја користиме музиката за промени, го потикнуваме развојот кај најмладите со цел создавање на една поубава средина на живеење. Професионалноста, тимската работа и креативноста се белези на „Пијано Арт“. Тоа најдобро го препознаваат учениците кои учат за уметноста на музиката и како истата може да го трансформира светот околу нив. Образованието и инспирацијата се главните двигатели на прогресот, додека стандардите во работењето и сертификацијата се содржани во внимателно одбраните едукациони програми. Имено, „Пијано Арт“ е единственото училиште во државата кое на своите ученици им дава можност за стекнување на дипломи од Британската Кралска Музичка Академија отварајќи ја можноста за понатамошна музичка надоградба насекаде во светот. За успехот на „Пијано Арт“ зборуваат бројните тематски концерти, семинари, работилници, но и награди и признанија во земјата и странство, кои се потврда на успешноста во работењето на „Пијано Арт“. Профилиравме едукативна средина во која соработката, взаемното почитување и доверба се одлика на нашата деловна соработка. Нашите ученици преку музиката праќаат пораки во средината за потребата од промени, за потребата од будење на музичкиот потенцијал и развој на естетските афинитети кај младите. Светот останува на децата, а ние сме тука да им помогнеме тие да станат најдобра слика на уметноста на музицирањето во „Пијано Арт“.

Зошто класична музика?

– Уметничката музика, поточно класичната музика денес му е потребна на младиот човек повеќе од било кога. Па во морето на музички шунд, се чини дека музичката вредност е потребна повеќе од било кога. Таа исконска потреба можеме да ја согледаме и во интересот за музицирање на нашите млади ученици и во овие услови. Благодарение на нив, на моите драги ученици, „Пијано Арт“ се развива и се облагодарува мојата педагошка професија.

Какви активности организирате во услови на пандемија?

Нашата креативна и енергична природа ја користиме да ја промениме реалноста и во услови на ограничена социјална интеракција. Кризата предизвикана од пандемијата Ковид-19 ја искористивме да продолжиме со часовите „онлајн“, иновирајќи нови концепти на концертни активности. Така, организиравме „онлајн“ настапи на нашите ученици каде костимирани и под маски изведувавме музички дела од познати филмски остварувања. Сличен настан е предвиден во соработка со канцеларијата на Европската Унија во С. Македонија каде нашите ученици ќе го обележат Денот на Европа, на 9-ти мај, преку единствен настап во кој ќе се свири „Ода на радоста“ како химна на Европската Унија и Советот на Европа со што ќе се испрати единствена порака во светот за единство и солидарност на народите во овие тешки времиња.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот