Маја Лазаревска од „Готвиме со Маја“: Готвењето ми е душевен мир што одамна го пронајдов

Од пред два месеца на Телевизија 24 се емитува кулинарското шоу „Готвиме со Маја“, кое го води Маја Лазаревска. Таа досега ѝ не беше позната на јавноста, со оглед дека никогаш не се занимавала со јавна професија, но оваа емисија која еднакво ја сакаат и помладите и повозрасните, ѝ донесе популарност особено поради едноставноста и модерната верзија на некои традиционални рецепти, па Маја често знае да се пошегува дека „бабите особено се нејзини најголеми критичари“.

– Проектот „Готвиме со Маја“ започна многу неочекувано, со запознавање на две личности со
слични енергии што се препознаа, односно моето запознавање со мојата продуцентка Маја Бабиќ
од „Баги комуникации“. За време на карантинот и затворање на границите, имав тешкотии за
набавка на лекови за мојот син и пишав апел на социјалните медиуми. На него, меѓу другите, ми одговори и Маја, коа ми помогна во набавката. Потоа продолживме да комуницираме и да споделуваме информации за личните ангажмани, па се препознавме. Потоа од соработката со продукцијата „Мунлајт“, поддршката од Телевизија 24 и нашите спонзори, нашата идеја стана реалност. Сакавме да создадеме квалитетна содржина, пред сѐ, и мислам дека тоа што сите имаме заедничка визија, го прави производот таков каков што е.

Колку е напорно да балансирате меѓу семејството и работата, со оглед дека сте редовно вработена, а снимањата се одвиваат кај Вас дома.

– Минутите во денот кај мене се испланирани и подготвени со недели однапред. Додека сум на работа, Марио и Лео се ангажирани со школски активности, потоа Лео има терапии, вежбање. По 17 часот времето ми е резервирано за децата и кучето. Комплексната здравствена ситуација на Лео го ограничува и го дефинира моето, но и секојдневието на брат му Марио. Ние мора да сме многу внимателни за да го држиме вирусот далеку од нашиот дом, а тоа тешко им се објаснува на двајца пубертетлии. Знаеме да се провозиме низ град со кола, да одиме на кратки прошетки ако е убаво времето, да гледаме некој филм, да се справам со нивните пубертетски расправии и премрежја, токму како и секој родител. Она што како убав момент ќе го помнам од ова секојдневие е времето поминато со децата. Како одново да ги запознав, како одново да се препознавме. Во сите обврски успеав да го вметнам снимањето, кое се одвива двапати месечно, за викенд, благодарение на разбирањето од продукцијата. Напорно е, но го работам она што го сакам. Можеби најголема жртва е мојот социјален живот, но периодов што го живееме, не ни дозволува дружби, па некако се тешам дека не е поради обврските.

Од каде инспирација за рецептите што ги приготвувате? Дали се тоа Ваши веќе пробани или
наоѓате рецепти кои потоа сама ги менувате, експериментирате…

– Голем дел од рецептите кои се презентирани во емисијата се оние што ги готвам со години. Опсесивно купувам готвачи, гледам ТВ-емисии, посетувам курсеви, истражувам и пробувам техники. Тоа ми е пасија. Еден рецепт, дури и прецизно да го следите, на крај ќе има вкус во зависност од вашиот сензибилитет и чувството кога, што и како ќе додадете. На пример, рецептот за манџа боранија ми е од мајка ми, но никогаш немаат ист вкус со онаа што таа ја подготвува. Низ годините го добив чувството за тоа како рецептите да добијат уникатен вкус. Ја истражувам и науката во заднина, па така и ги употребувам состојките, дали некоја состојка треба да е ладна, топла, на собна температура, дали печивото има две фази на растење, што значи различното сечење, различната температура. Готвењето е наука, но и уметност.

Колку имате желба по цел ден снимање емисии со готвење, да земете и да зготвите ручек
за семејството?

– Не знам дали ви се верува, но јас готвам и по завршување на 14-часовно снимање. Емисијата се
снима кај мене дома и често, кога ќе замине екипата, знам да ги приберам состојките што
останале и за да измедитирам да подготвам нешто. За мене готвењето е душевен мир, кој одамна
го лоцирав. Со готвењето се полнам со енергија, убави мисли, ми се смирува телото и мозокот.
Исто така, интересно е што моите деца веројатно толку ги имам презаситено со готвеници, што слават секогаш кога ќе кажам дека денес нешто ќе нарачаме.

Како родител на дете со попреченост, Вие сте голем активист за правата на овие лица. Дали
некако се поместуваат нештата на подобро или сè уште некако тапкаат во место?

– За жал, активизмот за правата на лицата со посебни потреби некако ми е ставен во втор план
поради личната борба дома. Секое дете со попреченост како расте, како да растат и проблемите
со него. Никогаш не излегов од работата во областа на човековите права, и денес тоа ми е редовна професија и работам со ранливи категории, а слободното време го користам за микрокосмосот на Лео. Периодов му изградив училница и вежбалница, сега сум во процес на креирање специјализирана опрема само за неговите потреби, а секоја слободна минута сакам да ја искористиме во прошетки, долго возење во кое двајцата уживаме и време за нас. Не гледам некои големи промени во општеството, но забележувам индивидуалци кои со своите напори знаат да ни помогнат да го изградиме микрокосмосот, а тоа ни помага и ни дава сигурност дека не сме сами. Не верувам дека ќе ја доживеам сликата со целосна инклузија на лицата со попреченост.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот