„Маѓар Телеком“: За „пријателите од Тетово“ и за „страната А“ исплатени вкупно 7,5 милиони евра

Денеска со ново судско рочиште продолжи судењето за случајот „Маѓар Телеком“, на кое како сведок се појави поранешниот министер за транспорт и врски од ДУИ, Џемали Мехази, кој скоро еден час одговараше на прашањата на обвинителката Лиле Стефанова.

Обвинителката на сведокот му посочи документи, протокол за соработка меѓу македонската влада и „Матав-Маѓар“ и нон-пејпер од 2005 година, на кои стои ознака „доверливо“, а СЈО ги добило директно од Америиканската комисија за хартии од вредност.

Според овие документи „Матав-Маѓар“ ќе ѝ исплати 2,5 милиони евра на „страната А“, за која е назначено дека е Владо Бучковски, како и 5 милиони евра на „пријателите од Тетово“ со иницијали А.А. и М.Џ. Стефанова потенцираше дека во нон-пејперот стои и динамиката со која треба да се реализира протоколот односно исплатата на парите била на 3 рати. 2,5 милиони на денот на потпишувањето, а следните две рати од по 2,5 милиони евра биле исплатени на 30 декември 2005 година и јуни 2006 година.

Поранешниот министер Мехази рече дека потписот на протоколот е негов, но дека не се сќеава на деталите, затоа што не учествувал во подготвувањето на документот, туку само го потпишал. Тој исто така не знаеше дали Договорот за соработка е заведен во деловодните книги на Министерството за транспорт и врски, оти како што рече поминало многу време. Како сведок исто така треба да се појави и Михалис Кефалојанис до кого е испратена замолница на која сѐ уште нема одговор. На наредното рочиште кое судијката Ленка Давиткова го закажа за 27 март треба да сведочат двајца сведоци, а еден од нив е поранешниот разузнавач Слободан Богоевски.

Поранешниот директорт на „Македонски телеком“ Атила Сендреи и членовите на тогашниот Одбор на директори Ролф Плат, Михаил Кефалијанис и Золтан Кишјакус, се обвинети дека склучувале фиктивни договори за консултантски услуги со кипарската консултантска куќа „Чаптекс холдингс лимитид“ и на тој начин го оштетиле „Македонски телеком“ за речиси 4 милиони евра, а и Буџетот на Р.М. за 2 милиони евра, бидејќи Владата во тој период поседуваше 47% од акциите во компанијата. На сметка на фирмата во Кипар биле префрлани пари без одлука на Одборот на директори, а налозите ги потпишувале Сендреи, Плат и Кишјакус.

Обвинението против тројцата ексдиректори било поднесено во Основниот суд Скопје 1 во првата половина на 2011 година, а првото судење се одржа на 26 октомври 2011 година. Судот распиша меѓународна потерница во 2008 година за Атила Сендреи, Ролф Плат и Золтан Кишјакус. Михалис Кефалојанис нема да одговара за овој случај, бидејќи обвинителот Марко Зврлевски за него ја отфрлил кривичната пријава.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот