Магијата на бајките во пандемиско време

кица колбе
Кица Колбе. / Фото: Архива на Слободен печат

Бајките се нашата прва школа по етика, затоа што низ приказна ја покажуваат разликата меѓу доброто и злото. Од нив како деца почнуваме на многу игрив начин да сознаваме дека светот не е само видливото.

Сите секојдневно сознаваме дека пандемијата ги погодува во особена мера децата, затоа што е нарушен нивниот вообичаен животен ред. Тие не ги гледаат често бабите и дедовците, но во периодите кога наставата се одржува онлајн, тие немаат ниту непосредна врска и со другарчињата од градинката или од училиштето. Психолозите постојано укажуваат дека психичкиот товар за децата во пандемиското секојдневие е многу голем и дека допрва ќе стане јасно колкава траума тие ќе понесат со себе од ова време. Особено децата од фамилиите во кои од ковид-19 се заразиле повеќе членови, а некои од нив и починале, бездруго доживеале трауматско искуство.

Од друга страна, секој од нас кај сопствените деца или кај внуците веќе ја забележал и нивната неверојатна способност да ги прифатат новите услови. Така во германските училишта децата брзо се навикнаа во одделенијата самите да се тестираат двапати во неделата со брзиот „лижавче-тест“ (Lolli-Test). Таа постапка за нив стана рутинска. Сепак, децата го регистрираат секојдневно и стравот на возрасните од инфекција. И тој страв може да остави траги во детската психа.

Во вакво време на неволја добро е да се потсетиме на смирувачкото дејство што кај децата го предизвикуваат бајките. Не само со тоа што родителите можат бајките да им ги читаат на децата пред заспивање. Туку и да ги глумат, правејќи заедно со децата домашен театар. Тоа може да се преобрази во многу креативен и весел ритуал кој, за миг, и возрасните и децата ќе ги пренесе во светот на фантазијата, на сонот и на чудата. Никогаш нема да ја заборавам дарбата на татко ми, во долгите зимски вечери кога уште немавме телевизор, пред заспивање, за нас децата да „направи театар“.

Ќе исчезнеше по вечерата во другата одаја, додека ние се миевме и си облекувавме пижами за спиење. И, одеднаш, ќе се појавеше костимиран со „пењоарот“, домашниот фустан на мајка ни. Оној како на сите мајки од крајот на педесеттите во Македонија. „Пењоарот“ на мајка ни беше од светликав зелен сатен, со големи цветови, на преклопување, со колан врзан на колкот. Татко ни ги обуваше и штиклите на мајка ни, во кои едвај влегуваше со половина стапало, па затоа сето време стоеше на прсти. Си врзуваше шамија за да не го препознаеме. И, со изменет глас, почнуваше да ни раскажува некоја чудесна бајка. Сега си велам дека татко ни, големиот сонувач и мечтател, вљубеникот во филмот, ја измислуваше бајката во истиот миг кога седнуваше на малечката кујнска „коклица“ пред нас, четирите деца, седнати на подот. Нашите егејски баби не ни раскажуваа такви креативни, ад хок бајки, како оние на татко ни, туку архаични приказни за самовили, караконџоли, вампири и змејови, од кои нѐ обземаше страв и трепет. Тие нешта не беа добри како приспивни приказни, но имаа за цел да нѐ предупредат да не излегуваме сами во ноќта.

Значењето на бајките

Како и да е, тоа што светот за децата, барем во моето детство, долго беше преполн со фантастични ликови, со симболи за доброто и злото, е плод на бајките, кои имаат многу значајно место во детскиот развој. Преку сликите, симболите и фантастичните ликови од бајките децата ја развиваат својата дарба за вообразба. Бајките се најраната можност за децата да се вживеат во состојбата на другиот, што значи, да насетат за првпат што значи емпатијата, која е толку важна за секоја заедница. Освен тоа, бајките ја поттикнуваат кај децата нивната дарба за раскажување, затоа што приказните во нив се многу едноставни, но со јасен раскажувачки стил и со мал број симболични фигури. Особено кога на децата им ги раскажуваме бајките, ние ги поттикнуваме тие самите да си замислат свои ментални слики и претстави. Оваа способност е многу значајна за поттикнувањето на творечката имагинација кај децата, од која тие ќе имаат полза и како возрасни. Затоа што токму творечката имагинација ги создава визиите за идното и непознатото, но ја поттикнува и потрагата по нови откритија во разгатнувањето на светот.

Секако, бајките имаат и длабоко симболичко, филозофско и педагошко значење. Додека деновиве со внука ми ја гледав најновата екранизација на прочуената бајка „Пепелашка“, се сетив на интерпретацијата на бајките на Теодор В. Адорно во „Минима моралиа“, со што тој ни открива колкаво богатство од имаголошки слики за човечките карактери се кријат во нив. Во фрагментот бр. 52, со наслов: „Од каде штркот ги носи децата“, тој вели дека за секој човек во бајките има еден исконски лик, потребно е само долго да се трага по него.

„Така, една убавица го прашува огледалото, дали и таа е најубавата како кралицата во ‘Снежана и седумте џуџиња’. А онаа вообразено дрската и до смрт пробирливата е создадена според козата што го повторува стихот: ‘Толку сум сита, што не сакам повеќе ниту лист, мее, мее.’ (…) Еден друг замина во светот како млад калфа во потрага по среќата и излезе на крај во борбата со многу џинови, но сепак мораше да умре во Њујорк. Друга чекори низ дивината на градот како ‘Црвенкапа’, носејќи ѝ на баба си парче колач и шише вино, а некоја се разголува во љубовта толку детски без срам, како девојчето со златниците. (…) Со очи полни копнеж гледа принцот-жаба, непоправливиот сноб, угоре, кон принцезата, и не може да се откаже од надежта, дека таа ќе го спаси и преобрази“.

Познавачите на делото на Адорно знаат дека со сликата за копнежливиот принц-жаба тој се опишал самиот себеси, не само затоа што имал огромни очи.

Светот не е само видливото

Бајките се и првата литература од детството, за која можеме да бидеме сигурни дека ја делиме речиси со секој човек на планетава. Ликовите од бајките ги познава речиси секое дете, благодарение и на Волт Дизни и холивудската филмска индустрија. Тие се нашата прва школа по етика, затоа што низ приказна ја покажуваат разликата меѓу доброто и злото. Од нив како деца почнуваме на многу игрив начин да сознаваме дека светот не е само видливото. Зад него го насетуваме светот на невидливото, на можното и чудесното, на посакуваното и она по кое се копнее, на сонуваното и имагинарното. Затоа Јохан Готфрид Хердер имал право кога напишал дека „детето на кое никогаш не му биле раскажани бајки, ќе задржи во својата душа едно малечко поле што не може да се обработи и посее во подоцнежните години“.

А нам, на возрасните, би ни помогнало да се потсетиме на светот на бајките за да го поднесеме полесно нашево чудно време, во кое реалноста се преобрази во грд сон. Навистина, кога порано во светот имало толку владетели, кои се однесуваат небаре се наоѓаат под волшепството на злобни волшебници од бајките? Затоа нив и пандемијата не ги спречува да водат војни. Или барем да сонуваат за војни.

 

Извор: Дојче веле

[sc name=”dw” ][/sc]

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот