Магични приказни на „Три“: Современа поморска авантура од Александар Секулов

Издавачкиот центар „Три“, во соработка со „Креативна Европа“, проект поддржан од Европска Унија, објави нова книга од едицијата „Магични приказни“. Станува збор за „Скитникот и синовите“ од современиот бугарски автор Александар Секулов, во превод на Душко Крстевски.

Современата поморска авантура „Скитникот и синовите“ е уште едно издание што плени со својата раскошна раскажувачка енергија. Главниот лик е капетан Јосиф, висок, зеленоок, со долга сребреникава коса. Иако има полни едра на својата јахта Барболета, сфаќа дека животот му е празен и осамен. Тој ќе мора да ѝ погледне на вистината во очи откако ќе помине извесно време со децата на своите најдобри пријатели – и со сопствениот син, кој не го видел со години. Токму тие ликови ќе го предизвикаат да проѕре малку подлабоко во личното море. Оваа книга е храбро впуштање во сопствената душа и осветлување на внатрешните длабочини!

Александар Секулов е добро познат на бугарската сцена не само како автор, туку и како креатор на културниот живот во родниот Пловдив. Автор е на три романи и три поетски книги, а носител е на наградата „Аскеер“ за пиесата „Нема струја за електричниот стол“.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 32, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 23-25 мај 2020)

Видео на денот