Арт-поп дивите Фивер Реј и Севдализа за старт на Егзит фридом со...

Арт-поп дивите Фивер Реј и Севдализа за старт на Егзит фридом со звукот на 21. век!

33
SHARE
Фото - Пасворд продукција

Долгата арт-поп листа на уметници кои уште од основањето доаѓаат секоја година на Егзит, ова лето на најдобар начин ќе ја продолжат две сензационални авторки кои на Петроварадинската тврдина ќе го донесат исклучително современиот уметнички израз.

Првата е апсолутната икона на музичката сцена на 21-иот век Карин Дреијер позната и како Фивер Реј. Карин на тврдината доаѓа во врвот на кариерата, со хедлајнерски позиции на најзначајните фестивали ова лето. Исто така со својот бенд, и единствениот и исклучително визуелен настап, на овогодишниот Егзит доаѓа уште една изразито актуелна авангардна поп ѕвезда и во моментов водечка трип-хоп уметница Севдализа. Актуелниот албум „ISON“, како и одличните настапи и впечатливите спотови ја лансираа иранската уметница на сцените на водечките светски фестивали.

Планетарната популарност Фивер Реј ја стекна преку обожуваниот и крајно револуционерен електронски состав „Најф“ чии пет албуми силно влијаеа на денешната музика низ повеќе генерации. Во меѓувреме Карин својот продорен глас го позајми и за најголемиот хит на групата „Ројксоп“, „What Else Is There“, а во норвешки дух ги сними и подеднакво омилените песни „This Must Be It“ и „Tricky Tricky“. Првиот самостоен албум го објавува како Фивер Реј во 2009 година. Албумот ги изнедри колосалните нумери „When I Grow Up“, „Keep The Streets Emtpy For Me“ и секако најслушаната „If I Had A Heart“, која последните години прерасна во вистинска химна преку воведната секвенца на популарната серија „Викинзи“. Нејзините настапи обвиени со мистика беа навистина малкубројни и последната самостојна турнеја ја заврши уште во 2010 година, па не изненадува огромната фама која се создаде откако неодамна го објави албумот „Plunge“. Албумот е во склад со овогодишното мото „Егзит фридом“, бидејќи и Карин лично го опишува како дело „за слободата и љубопитноста“, со кое ги истражува општествените норми кои опстојуваат и во 21-иот век и кои ги кројат правилата на однесување на жените. Како и минатиот, и овој албум забележа високи оценки во низа на сите најзначајни медиуми.

Севда Ализадех, повеќе позната како Севдализа е родена во Иран, а пораснала во Ротердам. Таа била сама свој учител по пеење, пишување, режија и компонирање, а течно владее со дури пет јазици. А нејзиниот труд не бил залуден, бидејќи денеска ја препознаваат како иднината, не само на алтернативната сцена, туку и на звукот кој најмногу одговара на она што навистина го одредува овој век. Нејзината музика ја карактеризираат сложеноста на нејзиниот зарипнат и сензуален RnB вокал, отсечните музички фрази и елегичните мелодии кои ги носат силните бас линии. Ритмичките тензии се претопуваат во хаотични кулминации додека во мелодиите се мешаат панк, трипхоп, електроника и грајм. Целиот музички израз го заокружуваат текстовите на песните во кои јасно е воочливо влијанието на книжевноста и филозофијата, а критичарите по двата одлични макси-синглови, „The Suspended Kid“ и „Children of Silk“, нејзиниот албум првенец „ISON“ веќе го нарекоа предвесник на новата музичка ера. Публиката на Eгзит фестивал ќе има прилика во јули на тврдината да ужива во нумерите како што се „Human“, „That Other Girl“ и „Sirens of the Caspian“.

И фановите на жестоките гитари ги слават новите Егзит засилувања

На Eгзит пристигнуваат и жестоките засилувања кои ги предводи легендарниот њујоршки хардкор состав „Мадбал“, кој се враќа на Експлозив бината и ја носи тридецениската енергија, страст и позитивен дух. На тврдината маршираат и водечките борци на екстремната сцена „Брујериа“ кои премиерно ќе настапат на овие простори. Нема да недостасува ниту oi-punk звукот, бидејќи пристигнува и во моментов најбараниот европски панк бенд „Лајонс лоу“, додека првиот ден публиката ќе ја распамети еден од најценетите млади кросовер треш метал бендови – шведскиот „Др. Ливинг Дед“. Доаѓаат и младите сили на светската треш-спид метал сцена, составот Ивл Инвајдерс, како и познатите паган металци „Скајфорџер“, познати и по тоа што ја изведоа и првата метал опера во светот. Публиката на најфуриозната бина на Eгзит фестивал ќе ги чуе и норвешкиот панк/хардкор состав „Eксплодинг хед синдром“, непредвидливите канадски хардкор панкери „Боидс“ и, по подолга пауза, домашните дет металци „Бане“. За локалното засилување на Eксплозив бината ќе биде задолжен новосадскиот хардкор панк бенд „Фрст флејм“, за стонер звукот ќе се погрижи домашниот бенд „Мад фектори“, додека од далечниот Сибир стигнуваат грув метал ветераните „Ремора“. Загрепските олдскул спид треш металци „Лив“ и домашниот бенд „Терорхамер“, со својот треш блек метал звук ќе ја надополнат епската програма на Eксплозив бината.

Eгзит фестивал ќе биде одржан од 12 до 15 јули на Петроварадинската тврдина во Нови Сад и ќе ги претстави некои од најдобрите светски, регионални и домашни музички ѕвезди како што се Зиги Марли, Алис Мертон, Ричи Хоутин, Емели Ленс, Бен Клок, Грејв Дигер и многу други. Влезниците по промотивната цена од 3.580 денари се продаваат во Македонија преку МкТикетс, во Југотон (Скопје, ГТЦ, 1 кат), а на сајтот на официјалната туристичка агенција exittrip.org достапни се и туристички пакети кои покрај влезници, содржат и опции за сместување и превоз до Егзит фестивал.

NO COMMENTS

LEAVE A REPLY