Тарантино за обвинувањата на Ума Турман: Цел живот ќе жалам за несреќата

300
Фото - Профимедиа

Култниот режисер и сценарист Квентин Тарантино јавно проговори по експлозивното интервју на Ума Турман, во кое таа го обвини Харви Вајнстин за сексуален напад, а Тарантино го посочи како одговорен за несреќа на снимање при што можела да загине, кажувајќи ја својата страна на приказната.

Тарантино призна дека ја убедил Ума Турман да влезе во автомобилот за којшто таа тврдеше дека не бил безбеден и ја убедувал дека патот е безбеден, во што и лично бил убеден, но признава дека на крајот се испоставило дека не било така.

– Од продуцентите слушнав дека Ума има проблем таа да вози. Никој од нас не ја сметаше сцената за опасна. Сигурен сум дека сум превртел очи и сум бил иритиран, но сигурен сум и дека не сум бил бесен и дека не сум врескал по неа во приколката… Јас и Ума имавме недоразбирања околу несреќата. Таа ме обвини мене за несреќата и имаше право да го стори тоа. Не сакав тоа да се случи. Ја убедив да влезе во автомобилот. Виновен сум што ја ставив во тој автомобил, но не како што мислат луѓето. За тоа најмногу се каам во животот – изјавил Тарантино за „Дедлајн“, додавајќи дека му било потребно време да ја најде снимката од несреќата, но дека бил среќен што можел да и ја набави.

Турман тврдеше дека од „Мирамакс“, продуцентската куќа на Харви, не сакале да и ја дадат снимката и дека во врска со тоа имала расправија и со Тарантино.

Во однос на обвинувањата против Харви, Тарантино изјавил дека пред да го снимаат филмот „Убиј го Бил“, Ума му посочила дека продуцентот и се нафрлил, па тој го убедил да и се извини.

– Мора да и се извиниш, а таа треба да го прифати твоето извинување ако го снимаме филмот заедно – раскажал Тарантино.