Скриени страници: „Непристојни“ шеги откриени во дневникот на Ана Франк

Фондацијата Ана Франк, од каде што го објавија откритието, наведува дека тоа ќе помогне за да се објасни заинтересираноста на Ана Франк за сексуалноста.

102
Фото - Принтскрин/Си-ен-ен
Користејќи техники за дигитална обработка на фотографии, научниците успеале да прочитаат две страни од прочуениот дневник на Ана Франк, што девојчето своевремено ги прикрило со заштитна кафена хартија.
Истражувачите на споменатите страници откриле „непристојни“ шеги и објаснувања за секс и проституција.
Фондацијата Ана Франк, од каде што го објавија откритието, наведува дека тоа ќе помогне за да се објасни заинтересираноста на Ана Франк за сексуалноста.
Експертите укажуваат дека новооткриениот текст, кога се проучува заедно со останатата содржина од дневникот, повеќе открива за развојот на Ана како писател, отколку за нејзиниот интерес за сексот.
Директорот на музејот Ана Франк, Роналд Леополд, рекол дека таа „како и секој адолесцент била љубопитна во врска со темата“ и додал дека и на други места во дневникот е пишувано за тоа.
Девојчето очигледно ги криело овие страници плашејќи се да не ги прочитаат другите луѓе со кои се криела, бидејќи содржеле бројни шеги на нивна сметка, како и нејзини размислувања за сексуалноса.
– Секој што ќе ги прочита пасусите што се се откриени не ќе може да ја поттисне насмевката. Непристојните шеги се класика меѓу децата. Тие јасно ставаат до знаење, дека Ана, со сите свои таленти, сепак била едно обично дете – посочил Франк фон Вре, директор на Холандскиот институт за студии за војната холокаустот и геноцидот.
Ана, тогаш 13-годишна, ги напишала тие две страници на 28 септември 1942 година. Подоцна, ги прекрила со заштитна хартија и нивната содржина останала мистерија со децении.
Сега се испоставило дека тие страници криеле шеги за сексот, што самата Ана Франк ги опишала како „непристојни“, како и објаснување за женскиот сексуален развој, за сексот, контрацепцијата и проституицијата.
„Гардијан“ пишува дека во еден пасус за сексот на пример, Ана опишала како млада девојка добива циклус околу 14-тата година од животот, велеќи дека „тоа е знак дека е зрела да има односи со маж, но дека девојка, се разбира, не го прави тоа пред да се омажи”, додека за проституцијата напишала: „Сите мажи, ако се нормални, одат со жени, такви жени има на улица, а потоа одат заедно. Во Париз тие имаат големи куќи за тоа”.
Ана Франк го пишувала својот дневник додека со семејството, повеќе од две години, се криела од нацистите, во тајна просториа во куќа во Амстердам.
Кога биле откриени и уапсени во 1944 година, биле испратени во концентрациони логори, а Ана и нејзината сестра починале во логорот Берген Белзен. Ана починала на свои 15 години во 1945 година.