Роботизирани кукли за мажи може, роботско дилдо за жени не може

Личниот масажер „Осе“, пионерскиот производ на компанијата „Лора Дикарло“ бил награден за иновации во категоријата роботика и дронови.

189
Lora DiCarlo

Креаторите на супермодерна сексуална играчка наменета за жените се жалат на организаторите на светскиот технолошки саем во Лас Вегас поради забраната за претставување за иновативниот и наградуван производ.

Личниот масажер „Осе“, пионерскиот производ на компанијата „Лора Дикарло“ бил награден за иновации во категоријата роботика и дронови, но сепак не било дозволено тој да биде претставен, со објаснување дека „не се вклопувал во постоечките категории производи“.

– Ова објаснување е навредливо и смешно – забележува Лора Хадок, основач и директор на компанијата. Таа истакнува дека сексуалната играчка за жени била изработена од врвни инженерки, во партнерство со роботската лабораторија на универзитетот Орегон, една од најквалитетните во САД.

Хадок тврди дека „Осе“ е пријавен за осум патенти за роботика, биомимикрија и инженерство и јасно се вклопува во категоријата „роботи и дронови“, но сепак бил забранет. Од друга страна, на саемот со години наназад се промовираат сексуални помагала за мажи, од уреди за виртуелна реалност, па сѐ до роботизирани женски тела со нагласени облини.

– Машката сексуалност може да биде експлицитна. Женската или е придушена или се забранува – се жали Хадок.

Производот „Осе“ ќе се појави на пазарот до крајот на годината. Производителот тврди дека роботскиот уред ги стиумулира клучните точки во интимната зона на жените и поттикнува задоволство без воопшто да вибрира.