Принцот Филип (97) доживеал сообраќајка, хоспитализирани две жени ФОТО

Прв на местото на несреќата пристигнал адвокатот Рој Верн, кој го нашол принцот како лежи превртен настрана.

367
Профимедиа

Војводата од Единбург, доживеал сообраќајна незгода во близина на имотот на кралицата Сандрингем. Принцот Филип (97) не бил повреден во сообраќајната несреќа која се случила нешто пред 15 часот.

Во несреќата биле инволвирани принцот со неговиот Ленд Ровер и Киа, во која имало две жени и едно бебе. Двете жени биле хоспитализирани, а откако им била дадена соодветна лекарска помош биле пуштени на домашно лекување. Бебето, за среќа, не било повредено.
Локалната полиција ги алко-тестирала и двајцата возачи, за кои се покажа дека не се под дејство на алкохол.

Очевидци
Очевидците рекле дека Ленд Роверот се превртил. Тие му помогнале на војводата да излезе од возилото. Тој бил свесен, но многу потресен и во шок. Потоа бил пренесен во болница.
Жена која поминала покрај несреќата, рекла дека видела амбулантни возила и големо полициско присуство.
– Возев на патот А149 и видов сини рефлектирачки светла. Видов црн 4х4 автомобил, превртен настрана. Јас и мојот син си помисливме: „Господе, тоа не е добро.“ Очигледно беше мошне смачкан автомобилот. Изненадена сум дека војводата е навистина добар. За среќа, несреќата беше покрај патот, па истиот не беше затворен – сведочел очевидецот.
Прв на местото на несреќата пристигнал адвокатот Рој Верн.
– Во превртениот автомобил, принцот лежеше на страна. Кога му пријдов ме праша: „Каде да ги ставам нозете, што ќе правам со нозете?“ Некако успеав да го извадам надвор, полицијата дојде веднаш и му правеше алко-тест кој испадна негативен. На рацете ми беше неговата крв – раскажал адвокатот за „Дејли мејл“.

Извештај од полицијата
Полицијата на Норфолк потврдила дека била повикана полициска помош околу 15 часот, откако Ленд Ровер и Киа се судриле.
Предходно било навестено дека војводата ќе го вози Роверот.
Возачот на Киата се здобил со неколку исекотини, а совозачот имал повреди на раката, известила полицијата. И двете биле примени во болницата „Кралицата Елизабета“ во Кингс Лин.
Во соопштението се вели дека патот останал отворен и двете возила биле пронајдени кратко време потоа.

Ќе се следи здравствената состојба на принцот
Бакингемската палата ги потврди информациите за несреќата и потврди дека принцот не требало да остане во болница, но неговата состојба ќе се следи во наредните денови. Иако не е повреден, тој бил многу вознемирен.
– Ќе се внимава на него во текот на ноќта и наредните ден, два. Ова не е мал настан за неговите години – рекол д-р Ник Скривен, претседател на друштвото за акутна медицина. Постои можност оваа несреќа, поради годините на принцот, да има сериозни последици. „Поинаку е кај постарите лица. Ако ја повредил главата, треба да се надгледува неговата психичка состојба“, Ник.
Кралицата и принцот Филип престојуваат на имотот во Норфолк од Божик.
Архиепископот на Јорк, Џон Сентаму, напишал твит со молитва за поддршка на војводата, а подоцна и за другите вклучени во несреќата.

Принцот Филип се пензионираше во август 2017 откако помина децении присуствувајќи на сите настани за добротворни цели и организации давајќи и поддршка на Кралицата. Бакингемската палата пресметала дека имал 22,219 соло ангажмани од 1952-2017.

Фото Профимедиа