Прилеп подготвен за вечерното отворање на „Пивофест“

40

Прилеп е подготвен за вечерашното отворање на 16-иот по ред „Пивофест“. Штандовите на пиварниците и на скарите се наместени во центарот на Прилеп, на булеварот „Гоце Делчев“, организаторите, компанијата „Инфинити“, локалните власти и институциите ги завршија сите подготовки за четиридневната летна манифестација.

Според Дарко Манасиески од компанијата-организатор „Инфинити“ се очекуваат илјадници посетители од земјава и од Балканот.

– Се е подготвено и наредните четири дена ќе имаме сигурна, добро организирана летна манифестација препознатлива на овие простори веќе 15 години. Ќе понудиме добра забава и гостувања на голем број музички ѕвезди од Македонија и од Балканот. Веќе имаме и 70-ина кампери во кампот во Паркот на револуцијата, сместувачките капацитети се полни и може да го отвориме Фестивалот, вели Манасиески.

За градоначалникто на Прилеп Илија Јованоски е важно што градот на посетителите ќе им понуди сигурност, добра забава, туристичка атрактивност и убави моменти овие четири фестивалски дена до недела.

– Ги поканувам гостите да уживаат и „со усул“ да пијат и да јадат и добро да се забавуваат, а Прилеп нуди и многу туристички привлечни дестинации, вели Јованоски, нагласувајќи дека сите институции и јавните претпријатија се подготвени и ги презедоа активностите за безбедно одвивање на Фестивалот по кој градот е препознатлив.

Штандовите се поставени на булеварот „Гоце Делчев“ на околу 4000 метри квадратни. На Фестивалот ќе се нудат атракции, а денеска беше промовиран и познатиот „Пивски велосипед“. Пиварниците и скараџиите ги очекуваат гостите од цела Македонија и од странство да им понудат гостопримство, добра голтка ладен пенлив пијалак и вкусна скара по која Прилеп е познат.

Вечер е големото Фестивалско отворање. Фестивалот ќе го отворат Дани, Тони Зен и Кирил Џајковски. Наредните три дена, меѓу другите ќе настапат и групите „Црвена јабука“, „Ван Гог“, Жељко Јоксимовиќ и в недела, фолк ѕвездата Шабан Шаулиќ.