Осумнаесетти Моден викенд Скопје од 1 до 4 ноември

52
Фото - Моден викенд Скопје

Од 1 до 4 ноември Моден викенд Скопје ги носи најновите колекции на домашни и дизајнери од регионот со темата „Модата како дел од екосистемот. Одржлива приказна“, на две локации во Скопје.

Модното случување ќе го отвори дизајнерката Лидија Георгиева во „F.A.M.E.’S“ и ќе ја претстави роденденската колекција „Милион милји време“.

„Скопје Мериот Хотел“ ќе биде местото на кое ќе се одржуваат три дена ревии. На 2 ноември ќе има модна инсталација и перформанс од финалниот дел на проектот #sustainabestorymk со капсулните колекции на учесниците и гостинките од Британија – дизајнерката Ана Скодбо и една од водечките британски стилистки Ребека Рој.

Следува модниот перформанс на Ирина Тошева со колекцијата за есен-зима 2018/2019 и несекојдневен концепт. За прв пат на Моден викенд Скопје ревија ќе има и Теодора Митровска со колекцијата “We Are Not Machines”. Посебно изненадување ќе биде модното шоу на Кренаре Ругова, а за крајот на првата вечер ќе ја видиме колекцијата „Full of grace“ на дизајнерката Силвија Миха.

На 3 ноември ревија ќе имаат студентите од академијата „Џолев и уметности“, потоа за прв пат кај нас ќе ги видиме моделите на „Matrons dresses“ и за крај на вечерта ревијата на Олгица Ѓоргиева.

Моден викенд Скопје 2018/2019 ќе го затворат модните парчиња на „error kolektiv“ и нивните три брендови: „Atami“, „Em Ellephantski“ и „[0.10] error of harmony“. Потоа е ревијата на Сара Реџиќ и за крај на вечерта Александра Јовановска со ретроспективна ревија и колекцијата „Архетип“.