Младенци од Босна и Херцеговина се испокарале среде свадба, веднаш покренале развод

Во Градачац вчера се зборувало за високите цени, тешкиот живот, скапите дрва за претстојната зима.

Принтскрин/Аваз.ба

Во Градачац вчера се зборувало за високите цени, тешкиот живот, скапите дрва за претстојната зима. Единствена, жешка, а во исто време и комична и тажна тема била скандалот кој избил на венчавката на 23-годишниот Един Хусељиќ од Градачац и неговата избраничка Елда Мујчин од Оџак, пишува „Аваз.ба“.

Денот кој требало да биде најубавиот во нивните животи се претворил во кошмар, а сè поради – пари! Меѓу младените среде свадбата избила жестока расправија, веселбата, на која присуствувале дури 300 гости, била прекината, а невестата истата вечер се вратила назад дома во Оџак. Младоженецот останал во солзи, најмногу поради срамот којшто го доживеал.

Ја уредил куќата
Весело било во свадбениот ресторан сè до 23 часот, кога невестата, според стариот обичај, одела од гостин до гостин и им делела на сватовите кафе, а тие за возврат на послужавник ѝ оставале пари. Се собрала голема сума.
Музиката потоа продолжила во истиот ритам, сè додека во салата не се слушнала жестока кавга. Сватовите виделе дека нешто се случува, но никој не можел ни да претпостави дека хаосот избил поради поделбата на даруваните пари на послужвникот.
– Невестата сакаше сите пари да ѝ припаднат нејзе, бидејќи таа го послужувала кафето. Младоженецот таквиот предлог не го прифати, бидејќи земал кредит за да ја среди куќата воочи свадбата, а освен тоа, тој наводно ги платил и трошоците на веселбата пред куќата невестата во Оџак, како и свадбата во Градачац – рекол еден од гостите на свадбата.

Тогаш невестата ја повикала мајка си од Оџак да дојде по неа, што и се случило, и околу полноќ се вратила дома. Членовите на самејството на Един сè уште се во шок поради сè што им се случило. Сите потврдиле дека главната причина за целиот скандал се парите.

– Невестата ја зема корпата со парите и се обиде да побегне. Меѓутоа, успеавме да ги вратиме парите, а таа замина. Нејзината мајка и таа мислеа да заминат сосе парите. Имаме сведоци за она што се случуваше, а сè забележија и камерите – рекол соговрник. Тој истакнал дека младенците пред венчавката биле во врска неколку месеци, а Един веќе вчера бил кај адвокатот за да покрене бракоразводна парница. Не се знае дали младенката успеала да земе нешто од корпата, бидејќи парите не биле пребројани.

Чист образ
И самиот младоженец ги потврдил наводите на својот роднина.
– Мојот образ е чист. Млад сум и можам да продолжам со животот, жив сум, здрав. Што можам повеќе тука да направам – рекол кратко Един.

Каква е таа љубов за пари?!
„Ова сè уште не сум го слушнал, ниту пак, доживеал, за парите од послужавникот да се скараат невестата и младоженецот, и тоа пред свадбата да биде завршена. Се прашувам каква е денешната љубов. Па зарем тие двајца не планирале заеднички живот, деца“, рекол 78-годишен мештанин од Градачац.