Кубанците од денеска имаат мобилен Интернет

64

Кубанците од денеска ќе имаат пристап до интернет преку своите мобилни телефони, соопшти државната телекомуникациска компанија Етекса, што е пресврт во земјата чија поврзаност долго време беше меѓу најмалите во Западната хемисфера.

Речиси половина од 11,2 милиони жители на Куба имаат мобилни телефони, но сепак, нема да можат сите да си дозволат мобилен интернет.

Директорите на Етекса во информативна телевизиска емисија објавија разни едномесечни пакети, почнувајќи од 600 мегабајти по цена од седум долари за пакет, до 4 гигабајти за 30 долари. Доколку корисникот не сака пакет, 100 мегабајти ќе го чинат 10 долари.

Оваа цена нема да можат да си ја дозволат многу Кубанци затоа што просечната плата во земјата изнесува околу 30 долари месечно, и многу луѓе се потпираат на финансиска помош од роднини во странство или работат дополнителни работи за да го дополнат семејниот буџет.

Куба значително заостанува зад повеќето земји во пристапот до Интернет, поради недостиг на готовина, долгогодишните трговски санкции на САД и загриженоста за проток на информации.

До 2013 година, интернетот воглавно им беше достапен само на луѓето во туристичките хотели на островот.

Кубанскиот претседател Мигел Дијас Канел, кој во април го наследи Раул Кастро, е за поголема поврзаност на земјата истакнувајќи го потенцијалот на интернетот за порастот на економијата, како и можноста Куба подобро да ја брани својата револуција онлајн.

Тој во октомври отвори профил на Твитер, по што истото го направија и многу државни функционери.