Колку треба да тежи училишниот ранец за да се избегнат деформитети кај детето?

Празниот ранец не треба да биде потежок од еден килограм, а полниот не треба да биде потежок од 10 до 15 отсто од тежината на детето.

128
Профимедиа

Учениците лесно за одлучуваат за училишни ранци на кои се наоѓаат популарните ликови од цртаните филмови и јунаците од компјутерските игри. Родителите имаат дилема каков ранец да му одберат на детето. Децата ја следат модата и не сакаат да се разликуваат од врсниците. Затоа, треба да им дозволите да го изберат училишниот ранец, но и да ги насочите.

Здравствен аспект
Родителите треба да се позанимаваат и со здравствениот аспект кога купуваат училишна торба за својот ученик, бидејќи неадекватните ранци можат да доведат до нарушување на ‘рбетот, но и до лош успех во училиштето. Кон тоа придонесува и тежината на ранецот, па затоа треба внимателно да се одбере. Тој не треба да биде поширок од телото на детето, за да може непречено да ги движи рацете назад. Не е добро ниту да е предолг и при одењето да чука по долниот дел од телото, бидејќи детето во тој случај неприродно се навалува напред. Ако ранецот стои превисоко, детето ќе се згрбави кон напред.

Ранецот мора рамномерно и заемно да ги оптоварува рамениците, а родителот тоа најдобро ќе го оцени ако при купувањето го поведе и детето. Тешките ранци предизвикаат положба во која телото е благо навалено кон напред и се создава притисок на задниот дел од вратот, а тоа им отежнува на мускулите да го држат телото исправено. Затоа, одберете ранец кој има повеќе прегради, за да се распореди тежината рамномерно (потешките работи треба да бидат пониско и поблиску до грбот).

Тежина на ранецот
Родителите често грешат при изборот на ранецот, така што купуваат торби кои се цврсти и тешки. Празната торба не треба да биде потешка од еден килограм, а полната да не тежи повеќе од 10-15 отсто од тежината на детето, што значи дека детето кое има 20 кг не смее да носи ранец потежок од три килограми.
Торбите со тркалца, пак, можеби изгледаат попрактични, но тркалцата се механизам кој лесно се расипува, а на децата брзо ќе им здодее, па секако ќе го носат на раменици, а таквиот ранец е многу потежок поради тој механизам. Торбите со тркалца ги преоптоваруваат децата, па кога треба да ги креваат по скалите, можат и да се повредат.

Ранецот важно е да има и рефлектирачки ленти или „мачкини очи“, поради кои детето ќе биде повидливо на пешачките премини, односно воопшто на улиците, особено ноќе. Ранецот треба да ги следи пропорциите на детето, да не биде поголем од ширината на грбот, да не биде над нивоата на раменици и под нивото на половината. Носењето на ранецот на едното рамо е најчеста причина за деформитет на ‘рбетот, односно за сколиоза.

Товар за срцевиот мускул
Поради страв нешто да не пропуштат, децата во ранецот ставаат сè и сешто, а родителите и учителите за тоа не водат доволно сметка. Понекогаш ученичката торба е тешка и по пет-шест килограми, а кардиолозите предупредуваат дека тој товар не само што го оптоварува скелетот на детето, туку и неговиот срцев мускул. Неадекватните торби имаат големо влијание на помнењето, моторичките способности, издржливоста, брзината и спретноста на детето. Сето тоа може многу да влијае на севкупниот успех во училиштето.

Поаѓањето во училиште е време кога децата неретко се соочуваат со погрешно држење на телото, а физијатрите истакнуваат дека 20 отсто од првачињата и дури 50 отсто од децата до завршувањето на основното училиште имаат некое нарушување на телесното држење. 66 отсто од децата имаат некој деформитет на ‘рбетот.

Правила на пакување на ранецот
Децата имаат сколиоза, ‘рбет искривен на страна, или повеќекратна сколиоза, со повеќе кривини. ‘Рбетот може да биде искривен и наназад, тоа е кифоза, или нанапред – лордоза. Се покажало дека сколиозата е три до четири пати позастапена кај девојчињата, односно во истиот процент кифозата кај момчињата. Затоа, родителите треба да обрнат внимание при изборот на училишната торба. Таа треба да биде од цврст материјал, без остри рабови, со цврсто дно кое не пропаѓа под оптоварувањето и со обложен дел на грбот. Ранецот треба да се носи на двете раменици, прерамките да бидат широки, цврсти, а меки. Книгите и тетратките да биде наредени правилно: од поголемите и потешките поблиску до грбот, до помалите и полесните на крајот, советуваат физијатрите.