Избањајте го вашето куче без тоа да биде стресно за него

123
Фото - Профимедиа

Одржувањето на хигиената кај домашните миленичиња е од особено значење како за нив, така и за членовите од потесното семејство со кои животното живее заедно и поминува поголем дел од денот заедно со нив. Ова особено важи за кучињата на кои бањањето им е една од помалку омилените работи. Сепак, вие како сопственици, морате да му воведете одредени хигиенски навики на вашето домашно милениче, но и да изнајдете начини, како токму одржувањето на хигиената на крзното да му ја направите што е можно помалку стресна.

Многу кучиња не сакаат да се бањаат, па доколку ја немаат оваа навика, сигурно ќе истрчаат од кадата додека се обидувате да ги избањате или пак ќе бидат толку нервозни што нема да успеете да ги натерате да влезат во кадата.

Сепак, ве советуваме и вас како сопственици, да не претерувате со бањањето на вашето куче, особено доколку станува збор за миленик кој има долги влакна. Тоа е така поради фактот што, често бањање на кучето не е препорачливо, ги отстранува природните масти на кожата на животното, и поради тоа, кожата ќе му биде сува, што од друга страна пак, доведува до лупење и ја намалува нејзината заштитна улога.
Со отстранување на овој заштитен слој, се создаваат поволни услови за непречено навлегување на микроорганизми во кожата на кучето, по што големи се шансите да настанат одредени инфекции на кожата.

Токму поради тоа, се препорачува кучињата да се бањаат најмногу три до четири пати годишно. Како и да е, без оглед на тоа од која раса е вашиот миленик, истото ќе морате да започнете да го бањате додека сеуше е многу мало, за на тој начин да создаде одредени хигиенски навики, но и да се научи дека, бањањето не е стресна работа туку потреба. Како и да е, не постои точно определена возраст кога треба да почнете да го бањате вашето милениче.

За време на првото бањање на вашето куче, треба да бидете особено внимателни да не го исплашите. И само едно негово негативно искуство додека се бања, може да му создаде одбивност кон водата за цел живот.

Пред капењето кучето добро исчеткајте го. Без разлика дали кучето има кратки или долги влакна добро е пред капење темелно да го исчеткате за да се отстранат сите покрупни нечистотии од влакната.

Кога веќе сте започнале со бањањето на вашето милениче, наводенете го кучето со топла вода, и започнете да го туширате од задниот дел па накај главата и бидете особено внимателни да не му влезе вода во ушите на вашето милениче. Тоа би можело да предозвика дополнителна нервоза кај него. Потоа започнете со постапката на ставање на шампон. Ставете му шампон, и имајте на ум дека кучињата не смеаат да се капат со шампон за луѓе, затоа што кучињата имаат различна pH вредност на кожата од луѓето. Шампонот се нанесува најпрвин на грбот, па на стомакот, нозете и опашката.

Кога ќе завршите со бањањето, добро избришете ги и исушете ги влакната на кучето. Потоа оставете го кучето во топла соба и немојте да го носите на прошетка барем 2 часа по бањањето, за да не настине. Особено бидете внимателни во овој период од годината кога температурата е пониска.