Интервју со модната дизајнерка Сандра Камилоска: Брендирано парче е како парче уметност

286

„Обувката одредува дали имаш стил“ – порачува модната дизајнерка Сандра Камилоска која што гордо стои зад македонскиот моден брендМала камила“. Во интервју таа ни откри и што е потребно за да се успее во модниот бизнис, како и уште неколку фини детали од светот на модата.

Сандра Камилоска, објаснете ни го значењето на името на Вашиот бренд „Mала камила“, кој во многу краток рок успеа да се наметне на македонската модна сцена?
– Пред се’ Ви благодарам за интересот да ме запознаете, од секогаш сум си замислувала дека за нешто и мене ќе ме интервјуираат и ќе ме читаат луѓе во магазин :). Mалакамила доаѓа од името на мојот инстаграм профил, како најмалата камила од семејство Камиловци. Многумина ме знаат како камилче, камилата, и немаше да биде брендот јас, ако го крстив поинаку. А, и реално, метро и пол сум висока :).

Кој беше мотивот за Вие да навлезете во модниот бизнис и да станете моден дизајнер?
– Многу сакам мода, да ја носам, да ја гледам на луѓе, жени, мажи. Да склопувам винтиџ парчиња со нешто помодерно. Сакам брендирана гардероба и сакам да ја поседувам. Да поседувам брендирано парче пред се го доживувам како поседување на парче уметност, затоа што така и ја доживувам модата. Дополнително на ова, имам визии и ги цртам, потоа ги шијам. Решив да влезам во овој свет, без никакви очекувања, само со желба да бидам препознаена.

Фото – Надица Манева Ангеловски

Што е потребно – труд, трпеливост, храброст, пари, идеја или нешто друго, за да се успее на моден план во оваа земја?
– Се’ од ова што е наброено. Од идеја до реализација е потребен бизнис ум (моја Кики), кој ќе ти ја направи цела логистика и стратегија, без бизнис план, не ни почнувајте нешто, топла препорака. Тука се и финансиите, за да можеш да го издржиш пробивањето на пазарот. Ја вложив цела своја заштеда и имам неизмерна помош од моето семејство, едноставно веруваат во мојот потенцијал. Но, така е за секој бизнис, никој не почнал од нула.

Пролетва брендот „Мала камила“ зад кој стоите Вие Сандра, ја создаде деби колекција наречена „Woman“. Зошто тоа име? Што сакавте да понудите преку таа колекција, во каков стил да ги „обоите“ клиентите?
– Зашто многу сакам убави жени. И моделот што го сликав, беше совршена за мојата замисла како сакам да ми биде претставена првата колекција, женствена и смела.

Неодамна излезе и вашата колекција „Peculiar“, за која велите дека сама по себе е „Peculiar“ поради фактот дека материјалите од колекцијата се наследство од вашата тетка, која ги купувала шетајќи низ светот во текот на нејзиниот живот. Раскажете ја приказната за колекцијата.
– Такви материјали не се наоѓаат веќе, ретко. Ги имав сите истурено на кревет и точно знаев што ќе им направам. Со оваа колекција го пропагирам сопствениот стил. Поставите на сакоата се во различна боја, конкретно на синиот костум има свилена нежна розова боја, нешто што многу ретко се забележува, но тој што го носи, шизички да се чувствува. За да доловам како се чувствувам во врска со оваа колекција, не сакав класично претставување, затоа и се одлучив за несекојдневен перформанс, каде моделите ги презентираа моите парчиња во излог и практично беа живи кукли, додека две девојки облечени во токсида се лулаа на лулашките во Кантина и врз нив одеше проекција од мој многу драг француски филм „Ангел-A“. Фанки беше целото случување, се’ што ми беше во глава испадна исто. Фала им на момците од „Reborn“ што ми помогнаа да се изреализира настанот.

Каде може да се најдат извонредни парчиња гардероба од брендот „Мала камила“, како може потрошувачите да дојдат до нив?
– Сакам свое ателје и се надевам дека ќе се случи поскоро. До тогаш продажбата е само онлајн.

Каков е вашиот личен стил на облекување, во што најубаво се чувствувате?
– Најубаво се чувствувам во „бојфренд“ фармерки и добри патики. Секогаш добри патики. Обувката одредува дали имаш стил. Но, сакам да се дотерувам, за важни настани многу се посветувам и сакам да сум елегантна. Никогаш не сум нападна и многу сакам бунди. Нема некоја точна дефиниција, не следам слепо трендови.

Правите ли Вие јасна дистинкција меѓу комфор и секси облека или сепак не признавате таква граница?
– А што е секси облека? Важно е како се чувствуваш. И во старки можеш да си секси. Но, брате ако не ти е ден, ниедна секси долна облека не те спасува. И нема многу комфор, трпам 6 часа на 12-ка штикла од шала.

Фото – Надица Манева Ангеловски

Може ли да дадете совет за луѓето кои сакаат да бидат дотерани со вкус – кога е во прашање комбинирање на боите, што според вас е модерно и добро за око оваа сезона?
– Комбинирање на бои си прави кој како се чувствува, мене омилена комбинација на бои ми е тегет со црно. А совет мал за девојките, украдете некое волнено сако од момчето или вашиот татко и смело шетајте со изразени рамена, фармерки и патики.

Како моден дизајнер, како би ја оцениле модата по скопските улици? Што е она на што се восхитувате, а што е она што ве лути, во модна смисла, кај некоја дама или момче?
– Ништо не ме лути, не дава господ на сите се’. Кул е модата по скопските улици, некако Европа малце станавме:))).