„Гушни го светот“ – македонскиот бренд со огромна поддршка од Европа и светот

228

Идејата на Силве&Тони да тргнат на пат околу светот со мотоцикл за да ги пренесат прегратките од Македонија, полека но сигурно прераснува и во своевиден македонски подвиг. Големата подршка што доаѓа од сите страни на Европа и светот, како и од Македонија, расте од час во час.

„Гушни го светот“ – Македонија, www.embracetheworld.world, е на одличен пат да стане автентичен македонски бренд кој ќе се шири низ светот. Што дознавме од посетата на нивниот сајт? Еве неколку извадоци – Кои се Силве&Тони?

„Името ми е Силвана, ама сите ме викаат Силве, неговото име е Антон, а сите го викаат Тони. Пред многу години, на вагата на љубовта, Тони со мотор или Тони без мотор, сепак натежна оној првиот тас. Плачев како мало дете кога прв пат се симнав од седиштето на неговиот мотор, кога чинам дека едвај ги одлепив рацете од неговиот струк, и целата растреперана, се фрлив во плач. А тој ме гушкаше. Е, тие први гушкања, преку кои ме смируваше, ми го отргнуваше стравот, возбудата, паниката, навистина беа клучни повторно да седнам позади него и силно да го притиснам за половината и да се чувствувам најсигурна во светот. Тие испреплетени чувства кон Тони, од една страна, и оноа енергично НЕ кон неговиот мотор, од друга страна, ги бришеа неговите прегратки, неговите гушкања…“ раскажува Силве на својот блог, а прегратките кои сакаат да му ги предадат на светот, ја носат токму таа енергија, топлина која ја исполнува душата, ве охрабрува, ви ја оправдува смислата за постојана борба во животот дека и стравот може да се победи со топла гушка, дека прегратката има токму таква моќ…

Дознавме дека постои и една друга причина заради која Силве&Тони се решија да ја реализираат оваа космополитска идеја, преку која, македонските гушки кои ќе ги собираат до април 2018 година, да му ги пренесат на светот, гушкајќи ги сите кои ќе ги сретнуваат на својот едногодишен пат околу планетава, со нивниот мотоцикл.

„Драги другари, познаници пријатели и читатели…“ го започнува Силве своето прво обраќање на нејзиниот блог, и вели:

„Сакав да одгледаме и пораснеме минимум три деца. Дури им давав и имиња на кутрите незачнати. Ама животот не ти бил желботека. Покрај сите можни обиди, не успеавме. Како и да е, после многу години, ние го предадовме тој фронт. Но затоа почнавме да работиме на нашето поинакво првороденче. Проектот “Гушни го светот” е нашето прво дете. И знам, едноставно чувствувам дека овој пат ќе успееме. Ова наше првенче мора да се роди и да заживее…“, продолжува Силве објаснувајќи ја и поткрепоувајќи ја идејата да се гушне прво Македонија, па потоа и светот, и поентира:

„Тимот што работи на “Гушни го светот” многу ме потсетува на моето смејство кое две децении ми даваше безрезервна подршка при нашите шест неуспешни ин-витро оплодувања. Апостолски, Мима, Боро, Аце, Сале, и другите се моето ново семејство, моите нови доктори, моите сестри. Тие секојдневно вредно работат на остварувањето на нашиот сон. И не само посветено се подаруваат себе си во оваа заедничка мисија, туку работат на проектот како да им е последно. Тие се, едноставно, моето СЕ и за тоа сум им бескрајно благодарна. Благодарна сум и на вашата голема подршка, која секојдневно ја испраќате преку посетата на нашиот сајт и ФБ профил, и не’ охрабрувате да истраеме до крај…“