Детска соба – место за игра, интимност и изолација

89

Возрасните го перцепираат просторот според фукционалната логика, секој простор има своја намена, секој елемент своја употреба. Сепак оваа перцепција не важи за децата. За нив просторот е истражување што нуди бесконечни можности. Детската соба обединува простор за работа, игра и одмор. Претставува индивидуален, посебен и инспиративен дел одвоен за децата. Отворена и флексибилна за случување на различни активности. Потребно е да биде функционално и естетски адаптирана на возраста на корисниците.

Во денешниот прилог претставуваме дел од куќа во скопската населба Црниче, проектиран за две машки деца на возраст од осум години. Се обидовме да ги испочитуваме нивните желби во однос на боите и распоредот на функционалните единици. Еден од важните услови беше дел од собата да биде резервиран за игра, мебелот е распореден по периметарот со цел центарот да остане слободен. Работниот простор е организиран покрај ѕидот со најголем извор на светлина, креветите се еден до друг но одвоени со посебен простор за библиотека и одлагање. На ваков начин се овозможува интимност и изолација кога тоа ќе биде потребно. Просторот има два влеза поради концептот да се одвојат во иднина па така и мебелот е предвиден да се расчлени на две идентични целини.

Зелената и сината се појавуваат во одредени делови на столаријата избегнувајќи доминација. Преовладува бела боја и сива на ѕидовите. Поставени се неколку детали, работни столчиња во црвена боја и фотеља во жолта. Детскиот простор мора да биде живописен, весел и ведар, неговите граници се позадина на детските активности.

Автори и архитекти: Елена Филиповска и Владо Данаилов
Фотографија: Марко Костовски