Мафијашите од моето детство

Фото: Слободен печат

Точно на 10 јуни во 1990 година од строгиот центар на градот се преселивме во тогаш новоизградените згради на улица „Бојмија“, во непосредна близина на Новата железничка станица или подобро речено во атарот на населбата Острово.

Чекаа моите родители да заврши школската година, па на раат да се преселиме во поголем стан и конечно да добиеме животен простор во кој ќе можеме да се рашириме. Но, тоа што беше интересното во ситуацијата е дека за само неколку дена по преселбата успеав да видам со свои очи како изгледаат опасни момци во живо. Секако дека и во Центар имаше такви, далеку било, но таму тие ванаби мафијаши и тепачи имаа претерано позерски имиџи, за некој вистински да поверува дека тоа „скакавацеот“ скриен во внатрешниот џеб од кожњакот всушност е оружје, а не играчка за покажување.

Во Острово локалните бараби беа сирови, недотерани, со едноставни фризури, молчеливи по природа и некако повлечени. Можам цел ден да изгубам само во пишувањето на нивните имиња, па затоа ќе спомнам само неколку од нив.

Според мене некрунисаниот крал на Острово беше Дејан, кого сите го викаа Џељо. Карпа од два метри, со гломазни екстремитети и прилично неуреден физикус. Нешто како развиен батка, кој никогаш не влегол во теретана. Но, најстрашно од сè кај Џељо не беше горопадниот изглед, ниту краткиот фитил, туку „крвавиот“ поглед, кој јас никогаш не сум можел да го издржам повеќе од две трепкања. За подвизите на Џељо веројатно заслужува книга да се напише, но доволно ќе биде да се каже дека еднаш не го пуштија на врата во една дискотека, па десетина „избацивачи“ уште истата вечер отворија боледување.

Втор на листата на најзаебани момци од Острово се наоѓа ноторниот Аце Металец. Дијаметрално спротивен од Џељо, бидејќи со се војничките чизми и долгата коса, немаше повеќе од 50 килограми. Но, доколку очите на Џељо предизвикуваа страв, тогаш за Аце може да се каже дека секој милиметар од неговото лице влеваше стравопочит.

– Удри го бе, удри го – му велеше еднаш на едно закачано дете, кое преплашено стоеше вкочането, над телата на претепаните маџармаалци, кои само неколку минути претходно сакаа да му ги соберат парите за флипери.

Бев очевидец како Аце Металецот случајно минувајќи покрај една локална флиперница, чисто витешки спаси едно локално дете од изживување, за да по премлатувањето ја изгасне цигарата од лицето на еден од претепаните протагонисти.

Не смее да се заборави ниту на Столе, попознат како брат на Дуле Истина, кој всушност беше и остана едно паметно, трудољубиво, креативно и многу вредно момче. Но, располагаше со речиси надчовечка сила. Јас сум сигурен дека се работеше за осум, но други тврдеа дека биле десет повозрасни од нас серковци од Аеродром, кои дојдоа во школскиот двор на нашето училиште, за да не тепаат поради некоја икс причина. Дел од другарите се засолнивме, дел го јадеа стапот прописно, а Дуле најде простор да истрча до дома и да го алармира Столе. Потоа следуваше најдраматичниот епилог, што некогаш го имам видено во животот. Столе влетува во школскиот двор и со вродена елеганција и неверојатна брзина, еден по еден ги кутнува на земја тоа надобудните педерчиња од Три Бисери, ресетувајќи го редот и мирот за не повеќе од пет секунди.

Да се разбереме веднаш, Џељо, Аце и Столе не беа никакви криминалци. Израснаа во сериозни и семејни луѓе, а младешките будалаштини ги оставија зад себе.

Затоа не можам никако да ги сфатам новите градски мафијаши, за кои деновиве читам дека хараат по улиците. Си го замислувам Боки, можеби придружуван од Лила, можеби и од Сергеј, па да си замислиме дека и Катица му чувала грб, како влегуваат кај бизнисмени и бараат рекет. Ти влагаат четворица во танги, со повеќе пластика во себе од „пластичарска улица“, со плик чанти, нервозно тураат кармин и ти викаат ќе платиш или ќе патиш. Колку да платам, во очај ги прашуваш, а Боки тука демагошки настапуе со контра прашање – па знаеш ли ти колку вредат моите новинари? Под 200 илјади евра не праиме муабет!

Реков тешко ми е да сфатам како тоа клоновите на Јелена Карлеуша втеруваат страв во коски, но никако не сакам да кажам дека тоа не е така. Сигурен сум дека „бомбите“ некого плашат многу повеќе од „крвавиот“ поглед на Џељо и дека оние пет, ај нека бидат и шест секунди јадење ќотек од Столе на многумина ќе им се чинат како летен распуст споредбено со само еден ден поминат во притвор.

Сигурно секој од вас знае во сред сон да ги изрецитира подвизите на локалните шерифи од ваше време, но се плашам дека децата ќе мора да прераскажуваат за она дешавка, кога Боки замавна со тоа „луивитонката“, а Катица со фрцкав поглед го потсети тепаниот дека во нејзината бајаги поголема чанта се наоѓаат „бомбите“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот