Маестрално дело за Стариот Континент од холандскиот автор Илја Леонард Фајфер

Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје во рамките на проектот „Храбри нови зборови, прекрасни нови светови“ ја објави книгата „Гранд хотел Европа“ од холандскиот автор Илја Леонард Фајфер.

Станува збор за маестрално дело за Стариот Континент, каде што има толку многу историја што не останува место за иднината и каде што вистинските перспективи се нудат единствено преку експлоатирање на минатото за туристички цели.

Писател отседнува во прочуениот, но декадентен „Гранд хотел Европа“, за убаво да размисли каде згрешил со својата голема љубов Клио, која ја запознал во Џенова, а потоа отишле да живеат во Венеција. Тој ја реконструира трогателната приказна за љубовта во времиња на масовен туризам, за нивните патувања на Малта, Палмарија, Портовенере, Чинкве Тере, и нивната возбудлива потрага по последната слика на Караваџо. Ова е роман за европскиот идентитет и носталгијата за крајот на една ера.

Изненадувачки или не, но Илја Леонард Фајфер еден дел од книгата сместува и во Скопје, каде што престојувал неколку дена во 2017 година. Во изданието на „Гранд хотел Европа“ на македонски јазик преводот од холандски е дело на Зоран Радически, а графичкото уредување е на Марко Трпески. Книгата е објавена со поддршка на програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија и на Министерството за култура на Република Северна Македонија.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 109, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 11-12 декември 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот