МААЕ „екстремно загрижена“ за безбедноста на нуклеарната централа „Запорожје“
Безбедноста на нуклеарната централа Запорожје на украинска територија окупирана од Русија е „екстремно загрижувачка“, оцени Меѓународната агенција за атомска енергија.
МААЕ побара „максимална воздржаност“ од двете завојувани страни и ги повика да ја заштитат подобро најголемата нуклеарна централа во Европа по вчерашниот напад со дрон.
Стравувањата на МААЕ се зголемени поради експлозии близу до базените со вода во комплексот, стотина метри од единствениот оперативен далновод од централата.
МААЕ не посочи одговорна страна за нападот со дрон во саботата, но забележа дека на беспилотното летало бил поставен експлозив.
– Луѓе од нашиот тим слушнале чести експлозии, рафали од митролези и истрели од пушки на различна одделеченост – соопшти Агенцијата.
Киев и Москва меѓусебно си ја префрлаат одговорноста за пожарот во една од разладните кули во централата пред една недела. Централата „Запорожје“ не произведува струја веќе две години, а од април шесте реактори се во фаза на „студено исклучување“.