„Лузната“ на Филипче останува на „лицето“ на Заев

Сашо Орданоски. / Фото: Слободен печат

Доаѓањето на Заев на власт во државата пред четири години имаше секакви, но и истакнати „морални“ причини. Неговото ветување, меѓу другото, беше и дека ќе го врати моралот во државата, откако тој сосема „испари“ низ практиките на владеењето на Никола Груевски и голем дел од неговите соработници кои се и сега едни од најсилните „морализатори“ во врвот на опозицијата

Зоран Заев пресече: не ги прифаќа понудените оставки од министерот Филипче и од неговиот заменик Хасани, бидејќи не лоцирал политичка и менаџерска одговорност кај нив за трагичниот пожар во тетовската болница. Со тоа се согласи и вториот по големина партнер во власта, ДУИ, преку изјавите со слична содржина на Артан Груби.

Со таквото неприфаќање на понудените, „од морални причини“, политички оставки, тежината на „моралот“ во овој случај на нашата политика се сели од плеќите на Филипче и Хасани, врз грбот на Заев. Тој е свесен дека гази врз исклучително „тенок мраз“, бидејќи расправата за моралот не е расправа и за кривично-правната одговорност на хиерархијата во власта за ваков вид трагедии. Имено, сознанијата на македонскиот дел од истрагата, иако сѐ уште неофицијални (макар и соопштени од самиот премиер), е дека пожарот бил предизвикан од краток спој во каблите на апаратите во мобилната болница, а  (неофицијално) не се очекува дека и заклучоците од германската истражна форензика би укажале на нешто драматично поинакво.

Заев сега ја става општата јавност во Македонија – и надвор од партиската, навивачка, од сите профилации во власта и опозицијата – на деликатен тест: да се определи дали е морално, од „морални причини“, да се смени министер поради „виша сила“, односно трагична несреќа во ресорот; или е морално да се застане зад колегите во Владата, најблиските соработници во остварување на најкомплицираните владини корона-политики во изминатите две години, кога веќе е констатирано дека немаат конкретна, правна одговорност? Бидејќи моралот секако ги вклучува и правните консеквенции од трагедијата, но е и многу повеќе од тоа.

Доаѓањето на Заев на власт во државата пред четири години имаше секакви, но и истакнати „морални“ причини. Неговото ветување, меѓу другото, беше и дека ќе го врати моралот во државата, откако тој сосема „испари“ низ практиките на владеењето на Никола Груевски и голем дел од неговите соработници кои се и сега едни од најсилните „морализатори“ во врвот на опозицијата. Тогаш беше очигледно неморално, но „математички“ единствено можно, власта да се преземе во коалиција со ДУИ, неморалниот претходен партнер на Груевски во таа власт колку и самиот тој.

Од друга страна, резултатот се „израмни“ неодамна, поради политичката прагма, далеку од високите морални политички стандарди, што го натера Зијадин Села, коалицирајќи со ВМРО-ДПМНЕ не само да не бара, туку и да не очекува извинување од Христијан Мицкоски за тоа што „неговите“ (Христијановите) поддржувачи го претепаа, речиси до смрт, во оној крвав обид за преврат во Собранието.

Таков е морално-политичкиот контекст во кој се одвива нашата политика. Политиката го победува моралот во секоја партија. Политички покер.

Лично, мислам дека беше во ред што Заев ги причека резултатите од истрагата. Има денови кога треба да се искаже сочувство до семејствата на загинатите, а има и денови кога треба да се дозволи и политичка „интроспекција“ по еден таков трагичен настан.

А, потоа, Заев требаше да ги прифати оставките на двајцата први луѓе од Министерството за здравство – обајцата врвни експерти во своите медицински професии, со потврден капацитет и во политиката – за да го заштити нивниот морален углед и својот морален стандард во политиката. Тие одлуки не се лесни, но се неопходни за унапредување на политичката култура во Македонија.

Не се сомневам дека Заев политички ќе ја преживее и оваа своја одлука, бидејќи во јавноста тој одамна не се обидува „во излогот“ да продава нешто што го нема во „дуќанот“. Јасно е дека тој искрено верува дека е чесно да се застане зад кредибилитетот на овие свои колеги во Владата.

Но, оваа морална „лузна“ на неговото политичко „лице“ несомнено ќе го следи Заев многу подолго од политичката прагма со која се обидува успешно и „свртен кон иднината“ да владее.

Видео на денот