Лутовац: ЕУ да посредува во креирање на услови за фер избори во Србија како во С. Македонија

Фото: n1info.com

Српската опозициска Демократска странка (ДС) денеска ја повика Европската унија (ЕУ) „активно да посредува во создавање на услови за фер и слободни избори во Србија, како оние во Северна Македонија или Црна Гора”.

– Разговорите што ги имавме досега и на кои веќе учествувавме не беа суштински насочени кон тоа. Тие повеќе беа фингирани, пред сè, во желбата на власта да се претстави како некој кој се стреми да ги нормализира односите, кој сака да прикаже дека односите се подобри отколку што се, изјави претседателот на ДС, Зоран Лутовац, на прес-конференција.

Како што изјави Лутовац, „разговори – да, но разговори со јасна агенда, со мерливи, проверливи резултати и со добра волја и со посредување на ЕУ, бидејќи само такви разговори имаат смисла”.

ДС, кажа Лутовац, „уште еднаш ги повикува претставниците на ЕУ заедно да работат за создавање услови за демократизација на Србија”, посочувајќи дека надворешната политика на Србија треба да се заснова на „еден столб – ЕУ”.

– Добрите односи со другите се подразбираат, но тие никогаш не може да бидат ставени на исто ниво со нашите односи со ЕУ, особено затоа што нашиот надворешно-политички приоритет, кој никој не го доведе во прашање, е интеграција во ЕУ, кажа Лутовац, додавајќи дека се сведоци дека процесот на пристапување беше успешен и потоа запрен и дека причината е јасна – „власта не е заинтересирана за воспоставување на владеење на правото и независно судство”, без кои, како и слободните медиуми, не може да има слободни избори.

Говорејќи за надворешната политика на Србија, тој изјави дека државата „талка” осум години.

– По секој надворешно-политички контакт на Александар Вучиќ, понекогаш премиер, понекогаш претседател, сите се прашуваат-каде се наоѓа Србија на тој пат, кој е тој надворешно-политички пат, оцени Лутовац.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот